Контроверзниот закон за облигациони односи ќе затвори многу фирми кои се мачат со наплата на своите долгови со години, а сега по измените и дополнувањата на Законот за облигациони односи и Законот за извршување, работите дополнително се влошуваат. Откако со години не успеале да си ги наплатат побарувањата, компаниите, покрај тоа што направиле финансиските трошоци за правни постапки, сега, со новите законски решенија ќе мора да се откажат и од основното побарување. Се работи за побарувања за кои фирмите инвестирале свои средства и ресурси, а сега едноставно треба да ги избришат, пишува „Фактор“.
Адвокатите и извршителите информираат дека не е мал бројот на фирми кои поради ваквите законски решенија ќе се соочат со големи загуби, а дел од нив и по неколкудецениско работење ќе мора да стават клуч на врата. Спас за ваквата состојба се бара и од Државната комисија за спречување на корупцијата.
Покрај другите проблеми, Законот за облигациони односи и Законот за извршување може да предизвикаат и корупција.
Во дописот до ДКСК се наведува дека „постои колизија на одредени законски одредби со измените на Законот за облигациони односи чл. 368 став.3, а во врска со чл. 218 од Законот за извршување, што создава можност за стимулирање на корупцијата при наплата на побарувањата од договорните органи во јавните набавки“.
Во образложението до ДКСК се предлага „проверка на двете законски одредби, чл. 368 ст.3 од Законот за облигациони односи во врска со чл. 218 од Законот за извршување затоа што не постои и нема правна сигурност и владеење на правото, а исполнувањето на обврската ќе зависи исклучиво од добрата волја на договорниот орган. Од друга страна, ќе се откажат многу понудувачи кои реално трпат штета, намалената конкуренција влијае на цената, ќе се стимулира корупцијата, а понуди ќе поднесуваат понудувачи кои знаат дека сигурно ќе наплатат“.
Допис со назнака за селективност на законските решенија е испратен до Државниот завод за ревизија, а писмо е испратено и до кабинетот на вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска и до Министерството за правда.
Приватниот сектор смета дека ваквите законски решенија им овозможуваат на должниците и од приватниот и од јавниот сектор да бидат во привилегирана положба и им овозможуваат да не мора да ја платат својата набавка и според член 368 ст.3 од ЗОО тоа да застари, при што товарот паѓа на доверителите односно накомпаниите, а голем дел од малите приватни фирми заради овие причини ќе се затворат.
Правните експерти веќе неколкупати реагира дека овие законски измени ќе донесат правен хаос, правна несигурност и големи штети во правосудството, но и во целокупната економија. Адвокатите кои се упатени во оваа проблематика, истакнаа дека измените и дополнувањата на Законот за облигационите односи и на Законот за извршувањеќе се одразат негативно не само на работењето на компаниите во земјава, туку и на државни органи и институции, а ќе бидат оштетени и многу граѓани кои имаат одредени побарувања, односно се јавуваат како доверители.
Инаку до Уставниот суд, кој претходно ја отфрли иницијативата за преиспитување на уставноста на измените на Законот за облигациони односи, поднесена е нова иницијатива од физичкото лице Предраг Баришиќ. Адвокатите, судиите и другите правни експерти реагираат дека измените на законите за облигациони односи и извршување се неприменливи во пракса.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.