Блок 1 на РЕК Битола утрово е исклучен од мрежа заради скинати цевки во котелот на постројката. Во тек е дефектажа која точно ќе ги лоцира аномалиите, по што во најбрз можен рок Блокот ќе биде саниран и вратен во функција, соопштија од АД ЕСМ.

На Блок 1 пред една недела беа извршени сервисно – ремонтни активности кои, за жал, не можат да предвидат или превенираат ситуација како денешната. Секој од трите блока на РЕК Битола има котел составен од цевки со должина од околу 700 километри, поставени на различни нивоа, низ кои поминува пареа со топлина од над 500 степени Целзиусови. Кон санација на оштетувањето се пристапува откако ќе се создадат физички услови за интервенција, појаснуваат од АД ЕСМ.

Воедно, наведуваат дека заради енергетската криза во која се наоѓа државата и потребата од постојано и зголемено производство на електрична енергија, ремонти и санација на делови од блоковите се изведуваат кога ќе се укаже можност за тоа, без притоа да се загрози стабилноста на постројките.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.