Процесот на издавање на првата емисија на граѓанската обврзница денеска успешно заврши со одржување на аукцијата на која беа запишан износ од 1.448.030.000 граѓански обврзници, што е двојно повеќе од она што беше објавено со Проспектот за граѓанската обврзница во износ од 600 милиони денари, соопшти Министерството за финансии.

Интересот беше голем за овој нов иновативен производ на финансискиот пазар. Граѓаните го препознаа својот интерес и ја искористија можноста да инвестираат во производ кој за нив е безризичен, сигурен и носи атрактивен принос, штитејќи ја вредноста на нивните пари во момент на висока инфлација – рече министерот за финансии Фатмир Бесими.

Тој додаде дека ова дополнително ќе влијае и на намалување на сивата економија, затоа што ќе ја активира готовината што граѓаните ја чуваат надвор од системот.

На аукцијата, соопшти Министерството за финансии, учествувале 1.283 граѓани кои имале уплатено средства во износ од 1.448.030.000 денари. Минималниот износ кој граѓаните можеле да го уплатат за учество на аукцијата изнесувал 10.000 денари, со поднесување барање за купување на една граѓанска обврзница. Максималниот износ не беше предвиден.

Процесот на поднесување барање и уплатата на средствата се одвиваше преку шалтерите во деловните банки.

Со аукцијата се заокружува процесот на издавање на граѓанската обврзница, во кој сега следува постапка на евидентирање на граѓанските обврзница во Централниот депозитар за хартии од вредност.

Од министерството соопштуваат дека приносот по основ на камата на граѓаните ќе им биде исплатен на 20 јули 2024 година за првата година и 20 јули 2025 година за втората година, кога ќе им биде вратен и целиот вложен износ.

Каматната стапка за оваа емисија на граѓанска обврзница изнесува 5% годишно и таа е фиксна за двегодишниот период на важност на обврзницата. Тоа значи граѓаните кои инвестирале во граѓанска обврзница ќе добијат принос вкупно 10% од инвестираниот износ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.