Со блокада на железничкиот сообраќај на станицата во Велес и со мирен протест по главните улици до седиште на Управата за јавни приходи во центарот на Велес денеска вработените од „Колска“ го изразија своето незадоволство поради блокирањето на нивната сметка.
Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Дарко Димовски, кој денеска заедно со претставници на синдикатот беа во Велес, истакна дека прашањето за опстојување на фабриката „Колска“ е посложен процес.
Ставот на ССМ и на Гранковиот синдикат е „Колска“ да припадне во работната единица Инфраструктура Македонски железници и на РЕ „Влеча“ при Македонски МЖ Транспорт каде што за 77-те вработени ќе има иднина затоа што долгот на „Колска“ кон УЈП, поради која е блокирана фабричката сметка, не е по вина на работниците, туку по вина на лошите менаџери на „Колска“ ставени од државата и ние како синдикат ќе направиме се да спречиме стечај на „Колска“- изјави Димовски.
Додаде дека во Државниот трудов инспекторат е пријавен раководниот тим на „Колска“ за непочитување на Законот за минимална плата затоа што вработените од март годинава земаат плата под минималната, односно по 15.200 денари.
Претседателот на штрајкувачкиот одбор на „Колска“ Тони Арсовски е огорчен што и по една недела од доставувањето на писмата до Владата и надлежните министерства, никој не се обратил да разговара со Синдикатот.
Поради незаинтересираноста на државата во чија сопственост е „Колска“ ние размислуваме да продолжиме со порадикални мерки и блокади на товарниот сообраќај. Поради немање на работа од денес прекинуваме да одиме во фабриката до среда кога ќе продолжиме со штрајкот во фабриката, а што понатаму ќе одлучиме во среда – рече Арсовски.
Проблемот со фабриката за шински возила „Колска“ трае 20-тина години.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.