Изминатата 2023 година ја одбележаа неколку новини во енергетиката пред се повторното враќање на дневната евтина тарифа за струјата и вообичаената ставка на ДДВ за потрошената електрична енергија од страна на домаќинствата на 18 отсто, воведувањето на надоместокот за пристап до мрежа од 200 денари месечно што ќе го плаќаат сите корисници, како и примената на новиот модел за определување на цената на струјата со сменета процедура, но иста суштина.

Во 2023 година универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“ по првпат ја определи крајната цена на електричната енергија што од 1 јануари 2024 година ќе ја плаќаат потрошувачите на регулираниот пазар.

Согласно одлуката, цената на струјата за домаќинствата од 1 јануари ќе се намали за 5,16 отсто за првиот блок, за вториот блок и за евтината тарифа останува иста, за третиот блок поскапува за 2,88, а за четвртиот блок за 1,86 отсто. Тоа го овозможи воведувањето на надоместокот за пристап до мрежа од 200 денари месечно што ќе го плаќаат сите корисници. Во спротивно доколку не се воведеше, како што вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) Марко Бислимоски, ќе имаше поскапување за 3,4 отсто во прв блок, за 8,62 во втор, за 9,46 во трет и за 4,92 отсто во четврт блок, додека евтината тарифа ќе се зголемеше за 15,42 отсто. Дополнително, надоместокот за пристап до мрежа овозможи намалување на мрежарината за речиси 23 отсто.

 

Во првиот блок се домаќинствата кои трошат од 0 до 210 киловат часови електрична енергија месечно, во вториот од 210 до 630, во третиот од 630 до 1.050 и во четвртиот тие што трошат над 1.050 киловат часови месечно. Според Бислимоски, некаде околу 80 проценти од домаќинствата се во првиот и во вториот блок. Смета дека со воведувањето на евтината дневна тарифа ќе се намали потрошувачката по блоковите, а за сметка на тоа ќе се зголеми во евтината тарифа каде цената е двапати поевтина отколку во првиот блок.

За 2023 година карактеристично е и повторното враќање на стапката на ДДВ за електрична енергија на 18 отсто од 1 јули, која поради кризата првично беше намалена на 5 отсто, а од почетокот на годината се врати на 10 отсто.

На универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“ на 30 јуни 2024 година му истекува пет-годишниот договор за снабдување со електрична енергија на потрошувачите на регулираниот пазар. Поради тоа Владата на 11 декември 2023 година објави јавен повик за избор на нов универзален снабдувач што ќе треба во наредните пет години, почнувајќи од 1 јули 2024 година да ги снабдува со електрична енергија потрошувачите на регулираниот пазар. Повикот треба да заврши на 12 јануари 2024 година кога ќе се одржи електронска аукција на која услов за добивање на тендерот е да се понуди профитна маржа пониска од 11,5 отсто, колку што изнесува маржата на досегашниот универзален снабдувач „ЕВН Хоум“. За повикот покрај постојниот универзален снабдувач интерес појави и грчката ЕДС – „Енерџи деливери солушнс“, која е фирма ќерка на Грчкото електростопанство ППЦ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.