Владата на Република Македонија донесе Одлука за определување највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало.

Со одлуката се определуваат највисоките цени во трговијата на мало нa повеќе производи и тоа: свежи домати, свежи краставици, кромид, карфиол, свежи зелени пиперки, грав, леќа, банани, портокали, мандарини и лимони.

Највисоките цени на овие производи, во трговијата на мало, се утврдуваат во висина: до 70 денари за килограм свежи домати, до 75 денари за килограм свежи краставици, до 60 денари за килограм кромид, до 70 денари за килограм карфиол, до 90 денари за килограм свежи зелени пиперки, до 75 денари за килограм грав, до 110 денари за килограм леќа, до 70 денари за килограм банани, до 55 денари за килограм портокали, до 60 денари за килограм мандарини и до 55 денари за килограм лимони.

Највисоките цени на производите посочени во оваа Одлука, во трговијата на мало, ќе се применуваат и на зелените пазари и тоа од 5 април 2023 година до 30 април 2023 година, а Одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

Во образложението на предлагачот на Одлуката, Министерството за економија, е посочено дека според членот 29 став 1 алинеја 3 од Законот за трговија, Владата може привремено да го ограничи вршењето на трговијата, во случај нарушување на домашниот пазар, заради злоупотреба во прометот на одделни производи и стоки. Согласно наведеното, врз основа на членот 30 став 1 алинеја 2 од Законот за трговија, Владата може да ги определи највисоките цени за одделни производи и услуги во производството и прометот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.