Инвестирањето во акции е најдобра можност за финансиски приход на долг период, велат експерти од оваа област. Тие советуваат, покрај во недвижен имот и банкарски депозити, да се вложува и во акции бидејќи вложувањето во акции на долг рок е поисплатливо.

Во земјава, главно се вложува во депозити и недвижен имот, а помалку во акции. Според Петар Андреевски, главен извршен директор во ВФП Фонд Менаџмент Скопје, Друштво за управување со инвестициски фондови, во инфлаторни периоди какви што има во моментот, ваквото вложување во депозити ги става инвеститорите во ситуација да ја губат вредноста на нивниот капитал.

Препорачува капиталот да се вложува во еквити, а доколку инвеститорите немаат искуство, тоа да го прават по диверзифицирани портфолија на обврзници или обврзнички фондови, да направат план на инвестирање, по кој ќе се држат, со континуирани дополнителни месечни вложувања во инвестициските фондови.

Прва генерална препорака на македонскиот пазар, посебно за релативно помладата популација, препорачуваме голема изложеност кон еквити, односно акции. Тоа дава најголема можност за принос на долг временски период. На тој начин, ја губиме конкурентната предност во однос на другите држави, кои имаат посериозна изложеност на еквити. Се разбира не со сите средства кои ги поседуваат инвеститорите, сигурно еден дел треба да остават и за обврзници, обврзнички портфолија и нормално за депозити и кеш, вели Андреевски.

Претседателката на Управниот одбор на Загребската берза, Ивана Гажиќ, која присуствуваше на 23.Годишна конференција на Македонската берза, советува дека е потребно инвеститорите да се едуцираат дека вложувањето на долг рок во акции е поисплатливо отколку во класичните облици како депозити или недвижности. Тоа, нагласува, им дава одредена флексибилност да можат да излезат од своето вложување кога сакаат.

Според сопственикот на Сензал капитал од Белград, Раде Ракочевиќ, инвеститорите треба да почнат да инвестираат на Берзата тргнувајќи на почеток со мал износ.

Да тргнат со мал износ од 1.000 до 2.000 евра, средства кои не им значат многу, да пробаат, да видат. Тоа е една добра инвестиција на долг рок, ако се инвестира за нивните деца. Треба само да почнат, да не се плашат, вели Ракочевиќ.

Традицијата причина за инвестирањето во недвижности, а не во акции

Немањето навика за вложување на Берзата е една од причините поради која инвеститорите од земјава, но и регионот, традиционално инвестираат во недвижности и депозити, а не во акции. Тоа е пред се поради немањето искуство и продолжувањето на традицијата за вложување во недвижности, а немањето знаење и искуство за тоа кои се можностите за вложување, забележуваат експертите.

Развојот на нашето општество е од комунизам или социјализам каде не постоел пазар на капитал и пазарна економија, а ние како двигатели на таа економија немаме наследено акции од нашите родители, или многу мал процент од населението има наследство во акции. Најголем дел од наследствата се недвижнини и знаеме дека вложувањето во недвижнини носи вредност на долг временски период, кирија, раст на вредноста на недвижнината. Тоа е проткаено во нашето традиционално знаење да продолжиме со вложување. Не сме како Германците или Американците да добиеме наследство акции од нашите родители, дедовци и баби, појаснува Андреевски.

Но, според него, не треба да останеме, како што вели, „робови на традицијата“.

Ние сме првата генерација, која живееме во капитализмот и треба да го зголемиме учеството на нашите заштеди во делот на акции или во делот на еквити и на долг временски период очекувано да оствариме поголеми приноси и тоа понатаму да го пренесеме на нашите наследници, посочува Андреевски.

Слично е и во Хрватска, каде, според Гажиќ, доминира подигањето сопствени бизниси и бирање приватни инвеститори во однос на вложувањето на Берзата.

Но, кога компанијата ќе дојде до одредена големина и развој неможе да ги одржува тие операции со сопствени средства и мора да излезе на пазарот на капитал, забележува Гажиќ.

И Ракочевиќ го дели истото мислење дека нашето општество нема традиција да инвестира на Берзата, а причина за тоа, според него, е што приватизациите не биле вистински синоним на пазарот на капитал, туку концентрација на капитал и многу луѓе се почуствувале измамени и не веруваат во Берзата.

Ако нешто не ви е познато не значи дека не треба да пробате. Незнаеме сите како летаат авионите, но сите летаме во нив. Берзата функционира децении и треба да се проба. Инвестирањето е култура и тоа е апсолутно потребно за луѓето да се финансиски слободни. Инвестирањето во берзата е сигурна инвестиција, порачува Ракочевиќ.

Едукацијата најдобар начин за привлекување инвеститори на берзата

Додека во светот технолошките сектори се најпривлечни за инвеститорите, во државава банкарството е убедливо најпосакуван сектор за инвестирање на Берзата. Потоа доаѓа фармацијата, па дистрибуцијата на нафтени деривати и градежништвото. Но, за да се привлечат инвеститорите да го вложат својот капитал на Берзата, експертите се децидни дека е потребна едукација, пред се на младата популација.

Неопходно е да се работи на финансиска писменост во сите возрасти. Најдобро е тоа да биде предмет во средно училиште, децата да можат од мали нозе да учат како да управуваат со својот имот, како да работат со личниот буџет, да водат сметка околу трошоците и приходите. Првиот чекор за инвеститорите да дојдат е тие да знаат што ќе им донесе инвестирањето. Кога луѓето малкку подобро ќе се запознаат со можностите кои ги дава пазарот, сметам дека се повеќе ќе инвестираат на домашни и странски берзи, вели Ракочевиќ.

И првиот човек на Македонска берза, Иван Штериев смета дека е потребно доближување на младите до можностите што ги нуди Берзата, односно нивна финансиска едукација.

Со објаснување на можностите, потенцирање дека ризиците постојат и кога инвестираат преку онлајн платформи на странски пазари. Тука има финансиски инструменти кои даваат добри можности и треба да им ги доближиме на младите за да почнат да инвестираат. Ќе работиме заедно со другите чинители на пазарот во наредниот период по интензивно на некоја по детална кампања, истакнува Штериев.

Статистичките податоци, вели тој, покажуваат дека младите не се многу присутни на Македонската берза. Забележува дека инвеститорите и учесниците на македонскиот пазар стареат.

Според податоците од ЦДХВ над 83 отсто од постојните 61.000 акционери, домашни физички лица, се со старост над 50 години, а над 67 проценти се над 60 години. Само 21 отсто од куповните трансакции на Берзата во периодот јануари лани до август оваа година се направени од домашни физички лица под 40 години, појаснува Штериев.

Директорот на ВФП Фонд менаџмент Андреевски пак посочува дека работат на едукација на потенцијалните инвеститори.

Секогаш почнуваме со подетална едукација, имајќи го предвид нивото на развој на пазарот од информирање што претставува вложувањето во акции, вложувањето во компании, во бизнис, можностите доколку се вложува во такви финансиски инструменти, како и ризиците и трошоците за инвеститорите. Го претставуваме и резултатот реализиран во минатиот период, со нагласување дека не е гаранција дека ќе се повтори во иднина, но може да се чувствува трендот на самото друштво за управување на кое би му ги довериле средствата, појаснува Андреевски.

Добрите менаџменти наоѓаат начини како да ги развиваат компаниите

Берзите треба да работат на развивање на пазарот за растечки компании, да бидат поактивно вклучени на пазарот на државни обврзници, но и да го решат предизвикот со кибернетичката сигурност.

Приоритет на Македонската берза, според Штериев, е да работи на развивање на т.н. пазар за растечки компании што ќе го овозможи новата европска регулатива, која ќе почне да се применува наредната година. Помали компании ќе можат полесно да издаваат акции и да се финансираат преку пазарот на капитал.

Берзата и брокерите да бидат поактивно инволвирани во сегментот на пазарот на државни обврзници и примарен и секундарен и да се продолжат т.н. интеграции, вертикални и хоризонтални. Вертикална е со Централниот депозитар за хартии од вредност, таму сме најголем поединечен акционер со 30 отсто, а хоризонтална е на ниво на берзи. Кај нас најголем акционер е Загребската берза и со нив заедно да пробаме да привлечеме хрватски инвеститори и да унапредиме некои практики на работење, истакнува Штериев.

Од сајбер нападите не се изолирани берзите поради што многу берзи во Европа веќе работат на зголемување на сигурноста. Претседателката на Загрепската берза вели дека кај нив во тек е имплементација на уредба за дигитална отпорност.

Случувањата на Блискиот Исток не ги погоди Берзите 

Последните случувања на Блискиот Исток, Руско-украинската војна, енергетската криза, се дел од предизвиците со кои се соочуваат Македонската, но и светските берзи. Но, сепак, познавачите велат дека не бил почувствуван посериозен пад поради овие случувања.

И Руско-украинската криза и сега кризата на Блискиот Исток недоволно ги погоди светските берзи, бидејќи глобалните компании од вкупниот бизнис со кој управуваат, еден помал дел беше погоден во овие региони. Развојот на приходите и добивките на добрите компании во западните држави и во државите кои се развиени, одлично се развиваа, оценува Андреевски.

За тоа дека овие политички случувања не влијаеле во голема мера во работата на берзата и на прометот и на цените говори и претседателката на Управниот одбор на Хрватската берза.

И во Македонија и во Хрватска имаме рекордно ниво на промет и цена. Со оглед на случувањата на Блискиот Исток во овој момент не очекувам да имаат значајно влијание на берзата со оглед на далечината, посочува Гажиќ.

Годишниот промет на Македонската берза до средината на септември, според Штериев, е скоро 100 милиони евра и е 67 проценти повисок во однос на истиот период лани.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.