Од утре започнува исплатата на мартовските пензии за околу 330.000 пензионери. Секој пензионер на својата сметка ќе добие дополнителни 1.000 денари како помош во справувањето со последиците од кризата, вели Лидија Тасевска, пратеничка на СДСМ.
Таа посочува дека овие 1.000 денари пензионерите можат да ги искористат за купување основни намирници или плаќање сметки, а оваа финансиска помош ќе трае во следните два месеца.
-Благодарение на одговорните политики на СДСМ денес пензискиот фонд е стабилен, пензиите растат и се исплаќаат навремено.За четири и пол години просечната пензија е зголемена за над 2.000 денари.Веќе од септември следува ново историско највисоко покачување на пензиите, благодарение на новата методологија за усогласување на пензиите, усвоена низ дијалог со здруженијата на пензионерите.Како одговорна партија преку Владата и институциите што ги раководиме, редовно и внимателно ги следиме движењата на светската економија и подготвени сме да преземеме дополнителни чекори за заштита на стандардот на граѓаните, вели Тасевска.
ВМРО-ДПМНЕ реагираше дека Владата враќа само мал дел од тоа што им скрати на пензионерите, недоволно ни за трошоците за зејтин во месецот. Според нив потребно е покачување од 20 отсто на пензиите.
Владата го укина моделот на раст на пензиите кој сега го враќа во 2018 година. 3 години тие крадат од парите на пензионерите. Тоа што не им е исплатено на пензионерите изминативе 3 години, тие нема да го надоместат, туку даваат само мал дел од тоа што им земале. Во услови кога цените на основните продукти и горивата се покачени и за 70%, 1.000 денари за 3 месеци за пензионерите не се никаква помош, и не можат ниту да ги израмнат пензиите на куповно ниво од пред поскапувањата. СДСМ да не гледа краткорочно за некоја ситна политичка корист, и да го прифати предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за покачување на пензиите за 20%, тоа ќе ги израмни пензиите и ќе го зачува стандардот на пензионерите.
Но наместо на зголемување на пензиите, СДСМ и ДУИ се зафатени како од голтари да станат милионери – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.