Постои застој и бавна динамика на реализацијата на стратешките инфраструктурни проекти, a трошоците за проектите се зголемени поради повисока цена на чинење на изградбата од првично планираната, како и поради споредни трошоци, констатира Државниот завод за ревизија по извршената ревизија на успешност на тема „Задолжување на субјектите од јавниот сектор, степен на искористеност на кредитите и заемите и платени и створени трошоци “ со цел да даде одговор на прашањето дали јавните инвестиции кои се финансираат со средства од заеми се реализираат на ефикасен и економичен начин.

Со извршената се ревизијата констатирано е дека во управувањето со јавни инвестиции отсуствува системска правна рамка, постапки и процедури, надлежни институции и дефинирани индикатори за систем за мониторинг и надзор на спроведувањето на јавните инвестиции што придонесува за ненавремено преземање на корективни мерки, потоа главните проекти се следат на децентрализиран начин за кои не постоисеопфатна слика за напредокот во имплементацијата, регулативата од областа на градење во целост не придонесува за ефикасна имплементација на проектите по меѓународни FIDIC услови за градб, а склучените договори за изградба според меѓународните FIDIC условите, предизвикуваат дополнителни трошоци и ризици од дополнителни побарувања од изведувачот, ризик од раскинување на договорите и меѓународна арбитража.

ДЗР констатира и оти кај проектите има отстапувањата на градбата од основниот проект и се признаени дополнителни и непредвидени работи во текот на градбата (варијации), дека со нерешена експропријација издадени се одобренија за градба за линиски инфраструктурни проекти регулирано во Законот за градење. Комплексната постапка за утврдување на надоместокот за експропријација, како и постапката за одобрување на проекти за инфраструктура, нагласуваат од Заводот, влијаат на степенот на реализација – бавна динамика и застој на проектите.

Со ревизијата опфатени се проекти за кои се создадени трошоци во износ од 58 милиони евра кои се однесуваат на еднократна провизија, камата за повлечени средства и провизија за неповлечени средства. Ревизорите утврдија дека кај субјектите кои се надлежни за реализација на проектите, проектната документација не е резултат на системски, технички, економски и финансиски анализи. Имено, склучени се договори за изградба во износ од 12.856.639 илјади денари, чија вредноста е зголемена на 15.354.883 илјади денари поради признавање на дополнителни и непредвидени работи, велат од Државниот завод за ревизија.

Со анализа на приходите на ЈП за државни патишта, ДЗР утврдил дека приходите се помали од вредноста на вкупните инвестиции на годишно ниво, освен за 2020 и 2021 година, што предизвикува неизвесност во реализацијата на инвестициите во патната инфраструктура.

Ревизорите утврдиле дека мнозинството од проектите кои се реализираат од страна на ЈП за државни патишта се започнати во период од 2014-2016 година.

Тие имаат бавна динамика на реализација која се должи на слабости во техничките решенија како дел од проектната документација, раскинување на договори со изведувачи од различни причини, покренување на постапка за меѓународна арбитража, административни пречки за започнување на експропријацијата, комплексна правна рамка со повеќе вклучени институции за утврдување на надоместокот за експропријација која го блокира ефикасното решавање на
експропријација, велат од Заводот.

Исто така, со ревизијата се констатира дека финансиското работење на ЈП ЖРСМ Инфраструктура со загуба и недостиг на финансиски средства во подолг период, негативно влијае врз навремената реализација на стратешките проекти и сервисирање на долгот по договорите за заем.

-Проектите на ЈП ЖРСМ Инфраструктура се отпочнати во периодот 2012-2014 година и истите се во застој, не се довршени, а од 2018-2019 година степенот на реализација во просек е само 1% на месечно ниво и во 2019 и 2020 година договорите за Коридор X и VIII сe раскинати. Во период на вршење на ревизијата во тек беа евалуации за избор на нови изведувачи за Коридор X и VIII, се конантира во извештајот.

Резизија ДЗР направи и за изградбата на Регионалниот клинички центар во Штип и притоа констатирал дека поради бавната динамика на реализација на проектот, измените во проектната документација, откажување на кредиторот од договорот за заем и понатамошно финансирање на проектот, постои неизвесност за негово завршување.

Ваквите состојби, потенцираат од ДЗР, ги усложнуваат натамошните постапки за продолжување и реализација на проектот од страна на Владата на РСМ и надлежните институции, со ризици од зголемена цена на проектот, дополнителни трошоци и ефикасно управување со проектите. Затоа со цел надминување на наведените состојби, ефекти и резултати, во ревизорскиот извештај дадени се препораки во функција на подобрување и унапредување на целокупниот процес на управување со јавните инвестиции.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.