Граѓаните се јасни, нивниот правец е дека оваа влада мора да замине бидејќи државата не оди во правилна насока, вели Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ во интервју за емисијата „Патот кон“ на ТВ Алсат М.

Мицкоски додаде дека владата не ги прифатила мерките од страна на ВМРО-ДПМНЕ кои што ќе ги ублажеа ефектите од кризата, но наместо тоа, власта направила комбинација од повеќе мерки кои пак според него не значат помош за граѓаните и нема да го подобрат квалитетот на живот, туку напротив дополнително ќе ја зголемат фустрацијата кај граѓаните.

Ние предложивме акцизата која што директно влијае врз инфлацијата и инфлаторниот шок да биде преполовена за горива, тоа не го направија. Потоа велевме во ред е ова со минималната плата, но ајде сега да ги нивелираме и останатите плати на останатите вработени согласно сложеноста на работните места и коефициентот согласно колективните договори, но и тоа не го прифатија. Кога станува збор за пензиите повторно велевме дајте луѓе линеарно да ги покачиме пензиите за некои 20тина проценти или тоа е 3.000 денари, бидејќи пресметката со укинувањето на стариот закон и иплементирањето на новиот закон од први јануари 2019 година за нас вели дека отприлика толку 3.000 денари им се ускратени на пензионерите и токму затоа велевме линеарно да им ги покачиме пензиите, и на тој начин колку толку да ги ублажиме ефектите на оваа криза која што се случува. Така што предложивме суштински мерки кои што требаше да ги презема владата, но за жал не ги преземе, вели Мицкоски.

Во однос на најавите штрајкови и протести, Мицкоски потенцираше дека владата мора да направи итно зголемување на платите во јавниот сектор согласно колективните договори.

Апсолутно како што се колективните договори. Мојата сопруга работи во средно училиште, она е класен раководител некаде платата и ако не се лажам 26.000 или 27.000 денари нето. Според колективниот договор кој што треба да се нивелира со овој коефициент еден кој што е еднаков на минимална плата на нејзе и на сите како нејзе професори во средните училишта платата, а нешто се помали еден, два, три, пет проценти кај основните училишта, платата треба да им биде повеќе од 40.000 денари. Дали заслужуваат, да заслужуваат бидејќи образованието е сложен процес, тоа започнува од пред школската возраст односно од градинките, и по сите социоекономски анализи кога ќе разговарате со луѓето што се правени секаде од стручни и компетентни лица во светот, ќе видите дека главен фокус во образованието е онаа предшколска возраст уште во градински, па потоа се почетоците во основното образование, па потоа доаѓа средното образование, нагласи тој.

Според него потребно е обезбедување на пристоен живот на наставниците, професорите и вработените во детските градинки, додавајќи дека со тоа ќе се зголеми нивниот мотив, а со нивниот мотив ќе се зголеми и квалитетот во образованието.

Денеска луѓето можете да ги мотивирате, а и од нешто мора да се живее финансиски. Да тие си ја сакаат својата работа, посветени се, мотивирани се, посебно луѓето кои за прв пат ја добиваат можноста за прв пат да образуваат деца итн, но на крајот од денот тие имаат свои семејства, и тие семејства од нив имаат некакви очекувања да имаат пристоен живот. И ние на тие луѓе треба да им овозможиме тој пристоен живот и на тој начин ќе го зголемиме нивниот мотив, а со нивниот мотив ќе се зголеми квалитетот. Со зголемен квалитет во образованието ние ќе имаме многу подобро место на сите рангирања, а со многу подобро место и на рангирањето на ПИСА, рангирањето на Шангај ќе имаме повеќе директни инвестиции, без разлика дали тоа се домашни или странски и нема луѓето да си одат, ќе останат тука, ќе заработуваат пристојно и нема да ни се празни државата, заклучи Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.