Премиерот Христијан Мицкоски најави нови германски инвестиции, а најголемата, како што истакна, ќе биде ветерен парк кај Куманово, Ранковце, Крива Паланка и Старо Нагоричане, вредна преку 400 милиони евра. До крајот на годината, според премиерот, две германски компании ќе почнат да вложуваат, едната, веќе присутна во земјава, ќе гради нов производен погон, а другата ќе стартува сосема нова гринфилд инвестиција.
Одговорајќи на новинарски прашања по поставувањето камен-темелник на ново училиште во Ченто, Мицкоски рече дека очекува раздвижување на економијата по забрзаната динамика на капиталните инвестиции и над три отсто раст на БДП во третиот и четвртиот квартал од годината.
Ефектите од економската ситуација во Германија која, според премиерот, не е охрабрувачка, кај нас ќе се почувствуваат, како што рече, веројатно кон крајот на првиот и почетокот на вториот квартал идната година.
– Разговорот со германската Стопанска комора, беше пријатен и, би рекол, плоден. Веќе имаме неколку инвестиции во најава. Има една инвестиција во делот на енергетиката, нов ветерен парк – огромна инвестиција во потегот на општините Куманово, Ранковце, Крива Паланка и Старо Нагоричане, германска инвестиција, огромна 400 и нешто милиони евра. Струјата што ќе ја произведуваат, ќе ја продаваат на пазарот. За жал, четири години таа инвестиција не биле во можност да ја реализираат од причини кои не би ги коментирал сега во јавноста, ќе треба истражните органи да се позанимаваат. Но, веќе задолживме луѓе од Кабинетот што ќе ја следат на дневна основа реализацијата на оваа инвестиција која ќе значи уште еден чекор напред кон зелената транзиција, односно производство на електрична енергија од обновливи извори. Инаку, состојбата во германската економија не е охрабрувачка, туку е прилично предизвикувачка и очекувам ефектите што сега се случуваат во овој трет квартал во Германија, ние да ги почувствуваме кон крајот на првиот и почетокот на вториот квартал следната година, изјави Мицкоски
.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.