Собранието ги усвои измените на Законот за данокот на личен доход со кој од 1 јануари 2023 година се продолжува со примена на рамниот данок од 10 проценти, односно се укинува прогресивното оданочување и се одложува даночењето на каматите на заштедите до влезот на државава во Европската унија. Законските измени што беа изгласани денеска, се дел од Концептот на даночна реформа, што го подготви Министерството за финансии, а кој треба да придонесе кон поголема праведност и поправична распределба на даночниот товар, со цел забрзан и одржлив економски раст.
-Целта на предложените измени и дополнувања на Законот за данокот на личен доход, кои денеска беа усвоени од Собранието, се дел од нашата определба да воспоставиме праведен, ефикасен, транспарентен и современ даночен систем, во функција на постигнување забрзан, инклузивен и одржлив економски раст, вели министерот за финансии Фатмир Бесими.
Тој додава дека измените во ова законско решение се постигнати преку дијалог и инклузивен процес со сите засегнати страни што го спровело Министерството за финансии и оти целата реформа се темели на Стратегијата за реформа на даночниот систем и има поддршка од Меѓуанродните финансиски институции.
-Со постојниот Закон беше предвидено од 1 јануари 2023 година да се примени прогресивно оданочување, кое претходно беше одложено за период од три години. Затоа и ја отворивме темата и врз основа на анализите и заедно со сите општествени чинители преку организираните дискусии дојдовме до ова решение, за укинување на постојниот модел. Во наредниот период ќе се изработи нов модел со кој ќе се постигне зацртаната цел, потенцира министерот.
Од Министерството за финансии истакнуваат дека со прифатените измени се проширува даночната база, преку таргетирање на даночните ослободувања и олеснувања во постојниот систем на данокот на личен доход, се обезбедува поголема праведност на даночниот систем и поправична распределба на даночниот товар по основ на данокот на личен доход помеѓу доходот од труд и доходот од капитал, а се врши и допрецизирање на постојните одредби.
Меѓу другото, измените предвидуваат оданочување на капиталните добивки остварени од продажба на хартии од вредност и удели издадени од инвестициски фонд стекнати од 1 јануари 2023 година, промена на концептот на оданочувањето на капиталните добивки остварени од продажба на хартии од вредност и удели издадени од инвестициски фонд, во однос на периодот на поседување, стапката на оданочување и начинот на пресметување и плаќање на данокот; се допрецизираат и доуредуваат основaта за оданочување на немонетарните бенефиции на даночните обврзници кои остваруваат доход по тој основ, се укинува ослободувањето од оданочување на уплатената премија за животно осигурување, уплатенa премиja за доброволно здравствено осигурување и уплатениот придонес во доброволен пензиски фонд за вработените лица, се утврдува третман на непризнат расход на целиот износ на уплатената премија за животно осигурување кај самостојните вршители на дејност, се доуредува постапката на даночно изземање или намалување согласно со меѓународните договори за одбегнување на двојното оданочување на доходот кој го остварува странско физичко лице и слично.
Во Собранието во наредниот период треба да се усвојат и измените и дополнувањата на Законот за ДДВ и Законот за Данокот на добивка, кои исто така се дел од Концептот на даночна реформа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.