Уставниот суд информира дека се оформени два предмета по поднесени иницијативи, во кои е оспорен Законот за данок за солидарност во целина.
Како што велат од Судот, тоа значи дека Уставниот суд допрва ја почнува постапката и ќе ги испитува наводите во двете иницијативи.
Иницијативите се поднесени од Финмак ДОО, Скопје преку адвокатско друштво Дебарлиев, Дамески и Ќелешовска и од Стопанска комора на Македонија преку адвокат Игор Спировски.
На прашањето дали Уставниот суд ќе донесе времена мерка за да го стопира спроведувањето на законот, информираме дека согласно Деловникот за работа во оваа фаза од постапката, Уставниот суд не одлучува одделно само за времената мерка, туку кога ќе се расправа и одлучува по главниот предлог во врска со предметот, истакнуваат од Судот.
Анета Трајковска од Стопанската комора истакна дека иницијативата е поднесена на 12 октомври и во неа е побарана времена мерка токму поради кратките рокови предвидени во законот со цел да се спречи евентуално настанување на некои последици кои потоа потешко може да се санираат.
Во функција на заштита на нашите компании членки е поднесено барањето за времената мерка, останува Судот да си ја донесе својата одлука, рече Трајковска во одговор на новинарско прашање на прес-конференција во Стопанската комора и додаде дека Комората секогаш протежира законита и легитимна постапка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.