„Пред малку заврши состанокот со винарските визби, состанокот беше на моја иницијатива. Согласно Методологијата и она што значи Јавен повик за избор на научна институција за утврдување на цената, денеска истите цени ги презентирав на претставниците на винарските визби“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски во изјава за Сител телевизија.

Трипуновски посочи дека производната цена ќе изнесува 20,8 денари за Вранец за 19 шеќерни единици и 18,3 денари за килограм грозје Смедеревка за 17 шеќерни единици.

„Овде сакам да потенцирам дека секоја шеќерна единица што ќе е плус ќе биде дополнително вреднувана односно исплатена“, истакна министерот.

Трипуновски додаде дека овие цени кои што се оваа година дефинирани согласно законската обврска е зголемување во однос на минатогодишните цени.

„Во делот на Смедеревката имаме зголемување за некои 20-тина проценти односно 22%. А, за Вранецот имаме зголемување некаде околу 15,5%. Овие цени со вакво зголемување мислам дека ќе бидат една доволна граница да овој откуп тече во нормален тек и земјоделците да имаат одредена заработка во делот на производството“, рече тој.

Министерот најави дека откупот ќе се следи и од негова страна и од страна на Земјоделскиот инспекторат. Секој инспектор ќе биде задолжен со широмер, за кој што ќе има соодветна обука од надлежните институции. Оваа контрола ќе биде елиминатор на сите манипулации кои ги имало во изминативе години.

„Сакам да најавам дека по завршувањето на откупната сезона од 2024 реколта, ќе треба повторно да го отвориме Законот за вино каде што има одредени аномалии кои што ги воочивме во изминатиов период. А, тоа е се со цел да изградиме една стратегија за да Македонија биде винска држава“, нагласи Трипуновски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.