Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски изјави дека негова обврска како министер е да се заштити земјоделецот, но и да се убедат помладите да се занимаваат со оваа благородна професија.
За мене како министер па и за целата Влада успех ќе биде и работиме на тоа да земјоделецот се кажува со епитет. Покрај повозрасните, тука сакам да ги убедиме и помладите генерации да се занимаваат со оваа благородна професија. Производството на храна е многу важно во наредниот период, појасни тој во емисијата „Трилинг“ на ТВ 24.
Трипуновски рече дека намерата на Владата е со нивните мерки и проекти да се зголеми бројот на земјоделци кој што е намален.
Во таа категорија да внесеме и помлада генерација на производители, тоа би значело обновување на процесот на земјоделското производство, посочи министерот Трипуновски.
Министерот додаде дека за 100 дена не може Македонија од увозно зависна земја да стане неувозно зависна. Но, тој процес ќе се одвива во одреден временски период.
Ние како Влада донесовме интервентна мерка за дополнителни три денари за килограм предадена пченица. Таа мерка е донесена се со цел да им помогнеме на земјоделците, сега бидејќи сме на прагот на есенската сеидба да им ги зголемиме површините за пченица. И тоа ќе значи поголем квантитет, појасни тој.
Според Трипуновски се работи и на контрола на семенскиот материјал што се продава во државата. Тоа треба да биде согласно правилата и да нема злоупотреби.
Работиме и на контролата на вештачките ѓубрива и работиме на мерки кои што ќе ги имплементираме веќе од 2025-та година. А, крајната цел ќе биде зголемена површина од оваа најбитна стратешка култура односно ќе имаме зголемено производство на пченица. И така го враќаме квантитетот кој што од друга страна ќе го намали увозот во земјата, истакна министерот.
Трипуновски посочи дека се работи и на откуп за стоковите резерви на домашната пченица за да не се увезува од странство.
Сите активности кои што ги презема Министерството се со цел да се намали увозот, а да се зголеми домашното производство, рече министерот за земјоделство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.