Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска присуствуваше на пленарна седница на Секторската работна група за образование, вработување и социјална политика на која присуствуваа и министерот за образование и наука, Шакири, првиот советник и заменик раководител на оддел во Делегацијата на Европската Унија, Бого како и претставници на институциите, граѓанскиот сектор, социјалните партнери и донаторската заедница. Дванаесеттиот пленарен состанок е во насока на разгледување  на прогресот во имплементација на националните политики за вработување, социјална заштита и инклузија како и приоритетите од секторските политики за финансирање преку ИПА III помошта.

Министерката Тренчевска во своето обраќање истакна дека постигнувањето на консензус за реформите што се започнати и промените што треба да се направат на среден и долг рок, како и справувањето со актуелните предизвици е клучно да се спроведуваат низ инклузивен процес, дијалог и партнерство со релевантните чинители.

„Развојот на човечкиот капитал преку различни пристапи и можности и поддршката на младите на пазарот на труд, социјалната инклузија и целосната поддршка на лицата изложени на социјален ризик овозможуваат забрзан и одржлив економски раст и развој кон подобар животен стандард,“ истакна Тренчевска.

Таа потенцираше дека сржта на националните политики и законодавство се еднаквите можности, пристапот до пазарот на труд, праведни услови за работа и инклузивност, а нивната имплементација е насочена кон создавање на праведна и одржлива економија, подобрување на животниот стандард на граѓаните, особено на најранливите категории на граѓани, а со тоа настојување за целосно искоренување на сиромаштијата.

„Новиот Закон за работните односи, изработен низ широк процес на учество и консултации на сите релевантни субјекти, има за цел да се унапреди правната рамка за заштита на правата на работниците и усогласи со директивите на Европската Унија и конвенциите на Меѓународната организација на трудот,“ истакна Тренчевска.

Таа се осврна на зголемувањето на минималната и просечната плата и сите мерки и заложби што беа преземени и кои имаат влијание врз подобрување на животниот стандард на граѓаните, како и стимулирање на економската активност, продуктивноста на трудот и конкуренцијата.

„Ефикасно функционирање на социјалниот дијалог на сите нивоа, политиките за вработување на млади, гаранцијата за млади, вработувањето на Ромите, долгорочно невработените, ниско-квалификуваните и лицата со попреченост се приоритетни цели во следниот период на делување на политиките на пазарот на труд,“ посочи Тренчевска.

Министерката зборуваше и за реформите во областа на социјалната заштита и вклученост. Притоа потенцираше дека,  воведувањето на гарантирана минимална помош за оние граѓани кои немаат доволно средства за живот,  воспоставениот систем на лиценцирање на даватели на социјални услуги, процесот на деинституционализација и децентрализација на социјалните политики, инвестициите во детската заштита и обезбедување на поголема пристапност во предучилишно воспитание и грижа, се приоритетни цели за унапредување на состојбите и креирање можности за просперитетен живот за сите наши граѓани.

На крајот, министерката уште еднаш  истакна  дека спроведувањето на започнатите клучни реформи и иницијативи во областа вработување и социјална политика, а  се дел од започнатиот процес на претпристапни преговори и кои неодамна беа презентирани на  билатералниот состанок со Европската Комисија се од исклучителна важност за унапредување на националното законодавство.

Како особено значајни министерката ги  потенцираше координацијата, дијалогот и соработката на релевантните министерствата, институции, социјалните партнери, граѓански организации и развојните партнери кои се во насока на постигнување на високо ниво на споделена одговорност, оптимално искористување на ресурсите и остварување видливи резултати за граѓаните.

Пленарната сесија дванаесетта по ред, опфаќа презентации на извештајот за самооценка за спроведување на ИПА 2019 Секторскиот реформски договор „ЕУ за младите“ и планираните проекти во рамки на ИПА 2024 Акцискиот документ „ЕУ за фундаментални права“, презентација на планираните акции и проекти во рамки на ИПА III 2024-2027 и Секторската оперативна програма „ЕУ за работни места и вработување“.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.