Колкав ќе биде новиот износ на минималната плата треба да се знае в понеделник, кога за ова прашање ќе одлучува Економско-социјалниот совет, најави министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

Според министерката, новиот износ на минималната плата ќе влезе во пресметките на работодавачите за мартовските плати што ќе треба да им ги исплатат на своите вработени.

Одлуката за висината на минималната плата се носи токму на Економско-социјалниот совет, потоа се објавува во ‘Службен весник’, за да може работодавачите да ги усогласат платите кои ќе ги исплатат за месец март со одлуката, односно со висината на минималната плата“, вели во изјава за државната новинска агенција МИА.

Економско-социјалниот совет е трипартитно тело, формирано од Владата и социјалните партнери за водење на социјален дијалог заради создавање услови за економска и социјална стабилност.

Потписници на спогодбата за основање на Економско-социјалниот совет се Владата, Сојузот на синдикатите на Македонија, Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија и Организацијата на работодавачи.

Очекувањата, според најавите што дојдоа и од премиерот Димитар Ковачевски, се дека ќе има зголемување на минималната плата, која сега изнесува 18 000 денари.

Ковачевски во своето обраќање на конференцијата „Година на нови можности“ на 30 јануари најави зголемување на минималната плата за околу 2 200 денари.

Како што истакна премиерот тогаш, со измените и дополнувањата на Законот за минимална плата донесени во 2023 година, наместо сегашните 18 000 денари таа ќе изнесува 20 200 денари.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.