Продолжува растот на вработени и на извозот во технолошко индустриските развојни зони и во јули, покажува редовната анализа на ТИРЗ. Само за еден месец во компаниите во зоните се отворени речиси 100 нови работни места, со што заклучно со јули, од почетокот на годинава се реализирани над 1 100 нови вработувања. Со ова, вкупниот број вработени во јули порасна и достигна 15.085, што е за шест проценти повеќе споредено со јули минатата година, односно за 14,5 отсто повеќе во однос на јули 2020 година.

Според анализата, ваквиот тренд се очекува да продолжи, со оглед дека ова е резултат на инвестициите постигнати изминатата година со кои се предвидува отворање на над 2700 работни места во следниве години.

-Позитивниот тренд на раст од почетокот на годинава продолжува и во однос на извозот и увозот. Во првите седум месеци од 2022 извозот од ТИРЗ достигна речиси 2 милијарди евра, што е највисок во последниве четири години. Извозот во периодот од јануари до јули е за 13 отсто повисок во однос на истиот период во 2021 односно 77 отсто повисок во однос на 2020 и 23 проценти и 47 отсто повисок споредено со 2019 односно 2018 година. Само во јули компаниите во ТИРЗ имаат извоз од 280 милиони евра што е за 25 отсто повеќе од јули минатата година. Регистрирано е и највисоко ниво на увоз од 1,83 милијарди евра, во првите седум месеци од годинава споредено со истиот период во изминативе четири години. Ова е за 4 отсто повеќе во однос на увозот од јануари до јули во 2021, односно за  83 отсто  споредено со 2020, и за 21 и 64 проценти повеќе споредено со 2019, односно 2018 година. Месечниот увоз во ТИРЗ во јули достигна 230 милиони евра и е на речиси исто ниво со јули 2021 година. Заклучно со јули и нето извозот е 9 проценти, наведува ТИРЗ.

И покрај глобалните политичко економски случувања, ТИРЗ очекува ваквиот тренд да продолжи до крајот на годинава со што, според проценките, извозот може да го надмине минатогодишното рекордно ниво од три милијарди евра.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.