Од „ТАВ Македонија“ соопштија дека во моментов немаат информација од авиокомпанијата „Гуливер“ за прекин на авилинијата Софија-Скопје.

Во моментов немаме никакви информации добиени од страна на авиокомпанијата за прекини во најавениот распоред на летање – се вели во одговорот што МИА го побарала од „ТАВ Македонија“ по информациите дека авиокомпанијата „Гуливер“ ја прекинува продажбата на карти за оваа линија.

Дел од медиумите, повикувајќи се на специјализираниот портал за авиони „Екс Ју авијација“ објавија дека од 21 мај прекинува продажбата на авиобилети за летот Софија-Скопје поради непрофитабилност.

Од Владата информираа дека воспоставувањето на авиолинијата не е субвенционирано од нивна страна и за сите одговори упатија на адреса на авиокомпанијата.

Во однос на авиолинија Софија – Скопје, Ве информираме дека авиокомпанијата која го оперира овој лет нема склучено договор за финансиска поддршка со Владата на Република Македонија, преку Министерството за транспорт и врски. Според информации со кои располагаме, авиокомпанијата има одобрено термини (слотови) за полетување и слетување и во текот на овој месец – стои во одговорот на Владата.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, одговарајќи на новинарско прашање рече дека најверојатно причина за прекинот се преговорите што ги води авиокомпанијата со бугарската Влада во делот на субвенционирањето.

Кога го разгледувавме ова прашање, разговаравме две опции. Првата опција беше да биде целосно комерцијална, односно дали ќе има интерес од страна на патниците, а втората опција – да биде субвенционирана од страна на владите при што Република Бугарија ја презеде обврската за субвенционирање. Мислам дека првата фаза беше обид да се види комерцијалната рентабилност. Според моите информации, мислам дека ова запирање е процес на преговори меѓу компанијата и Владата дали ќе има поддршка или не – изјави Османи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.