Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ Охрид бележат пораст од 30 отсто на патничкиот сообраќај за периодот јануари – септември 2023 година во однос на 2022 година и пораст од 15 проценти во однос на 2019 година, соопшти ТАВ Македонија.
ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми и членка на Групацијата АДП, бележи зголемен број на патници за периодот јануари – септември 2023 година, кога вкупно 2,4 милиони (2 357 712) патувале преку двата аеродрома, во Скопје и Охрид, што претставува годишен пораст од 30 отсто во однос на 2022 година.
Во споредба со 2019-та, која се смета за референтна година во воздухопловството, како најдобрата година во однос на патничкиот сообраќај пред КОВИД-19, двата аеродрома бележат 15 отсто повеќе патници во периодот јануари – септември 2023 година.
Во однос на бројот летови за истиот период, годишниот пораст е 19 проценти, односно пет отсто споредено со 2022 и 2019 или на аеродромите во Скопје и Охрид се реализирани и опслужени вкупно 17 683 летови.
-Среќни сме што забележуваме зголемување на бројот на патници за 30 отсто за аеродромите во Скопје и Охрид во споредба со статистиката од 2022 година. Посебно ни е драго што за само девет месеци од 2023 година, со 2,4 милиони патници, речиси го достигнавме бројот на опслужени патници во целата 2022 година. Ова претставува продолжување на позитивниот тренд на закрепнување, а она што нè прави особено горди е што статистиката на воздушниот сообраќај за двата македонски аеродроми не само што ја надминува референтната 2019 година за 15 отсто, туку ги надминува прогнозите на ACI* за обем на патници на глобално ниво во 2023 година, што е 94,2% од нивото од 2019 година. Очекуваме до крајот на оваа година, со новите линии и новите авиокомпании кои влегоа на македонскиот пазар, заедно со извонредноста во нашите услуги што ги даваат нашите посветени и ориентирани кон клиентите колеги, ќе ја заокружиме 2023 година како година на рушење нови рекорди, вели Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
Во 2023 година, досега, две нови авиокомпании влегоа на македонскиот авијациски пазар, Lufthansa и Norwegian, со редовни или сезонски летови до Франкфурт, односно Осло. Во меѓувреме, од скопскиот аеродром SunExpress најави дека чартер летовите до Измир и Анталија ќе продолжат да сообраќаат како редовни летови од претстојната зимска сезона, а Wizz Air започна со редовни летови до Љубљана. Дополнително, AEGEAN, од 2 октомври 2023 година започна да лета до Сараево. Охридскиот аеродром имаше одлична летна сезона засилена со сезонските и чартер летови до Белград, на Air Serbia и до Манчестер и Лондон (Гетвик), на TUI.
Најчести дестинации од Меѓународниот аеродром Скопје, според статистиката на патничкиот сообраќај на ТАВ Македонија, за периодот јануари – септември 2023 година, биле Истанбул (двата аеродрома, IGA и Sabiha Gokcen со 10,8 отсто пазарен удел), Базел Милуз (6,1 отсто), Цирих (5,5), Виена (4,7), Дортмунд (4,5), Франкфурт (4,2), Минхен Меминген (4,1), Анталија (4), Малме (2,6) и Келн (2,6 поценти).
Топ 5 земји со директни летови за јануари – септември 2023 година беа Германија (27,3 отсто удел на пазарот), Турција (16,9) Швајцарија (13,4), Шведска (6,7) и Италија (6,5 проценти).
Што се однесува до учеството на авиокомпаниите во патничкиот сообраќај за првите девет месеци од 2023 година на скопскиот аеродром, Wizz Air превезе најголем број патници (60,2 отсто удел на пазарот), потоа Turkish Airlines (7,4), Pegasus Airlines (6,1), Austrian Airlines (4,7), Chair Airlines (3,7).
Најчеста дестинација за патување за трите квартали од 2023 година, јануари – септември, од охридскиот аеродром е Базел (21,5 проценти удел на пазарот), потоа Виена (21), Дортмунд (16,4), Меминген (11,9), Малме (9,4), Цирих (9,3), Амстердам (8,8), а останатите дестинации имаат 0,5 отсто.
Во моментов, според распоредот на летови, од Меѓународниот аеродром Скопје летаат 14 авиокомпании до 41 дестинација, додека на Аеродромот „Св. Апостол Павле“ две авиокомпании летаат до 6 дестинации.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.