Гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари го оцени како неточно тврдењето на министерот за економија Крешник Бектеши дека локалната самоуправа не ги почитува мерките за заштеда на електрична енергија.

На прашање на МИА за коментар, Таравари појасни дека износите на фактурите се исти со ланските, но има значително повеќе нови линии за осветлување и нови инфраструктурни објекти.

– Министерот е лошо информиран кога тврди дека имаме зголемување и нештедење на струја на ниво од над 90 проценти. Морам да појаснам дека изминативе месеци направено е проширување и поставување на јавното осветлување во многу нови населени места во градот и селата. Приклучивме пумпи во објекти кои се неопходни за функционирање и испорачување на комунални услуги. И покрај проширувањето и новите инвестиции, потрошувачката на електрична енергија е на ниво од пред една година, рече градоначалникот Таравари, по посетата на средното медицинско училиште, каде беше промовирано завршувањето на новата фасада.

Во соопштението од општина Гостивар, кое беше издадено синоќа од информативната служба, беше наведено дека потрошувачката на електрична енергија за септември 2021 и септември 2022 година, за објектите од администрацијата, јавното осветлување и други објекти кои служат на јавен интерес, е на исто ниво.

– Ги известуваме граѓаните дека државните и локалните институции во РСМ кои се снабдуваат со електрична енергија од снабдувачот во краен случај плаќаат висока цена која има трошок од просечната месечна цена на берзата за струја HUPX + 50%, а не како изјави министерот, просечна месечна цена на енергетската берза HUPX + 20 проценти, појаснуваат од општина Гостивар.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.