Стопанска комора очекува Законот за солидарен данок да биде повлечен. Нејзините правни тимови велат дека ова законско решение „лебди во воздух“ по неколку основи, пред се, зашто е ретроактивно, непринципиелно и зашто не ја исполнува целта за која е наменето.
-Би било несоодветно министерот да каже дека немаме право да го оспориме Законот на Уставен суд. Нашите правни тимови велат дека по неколку основи тој Закон „лебди во воздух“ и има основа да биде оспорен пред Судот. Очекуваме Законот да биде повлечен, пред се зашто е ретроактивен, не е принципиелен, се однесува само на одредена група компании и не ја исполнува целта за која е наменет. Засегнати ќе бидат фирми кои немаат никаква врска со бенефитот од енергетската и КОВИД кризата, изјави денеска извршниот директор на Комората, Антони Пешев пред конференцијата „Водење бизнис со ЕУ – како да се постигне поинтензивна трговска соработка меѓу Македонија и Полска“.
Тој го повтори ставот на бизнисот, дека секој закон треба да се носи согласно т.н. даночен календар.
-Компаниите треба да знаат порано три до шест месеци за да си го прилагодат своето работење, а не како сега, да донесете закон шест месеци откога е истечен и откако се распределени добивките на компаниите. Како ќе им ги земете кога повеќето се со странски инвеститори и тие ги имаат повлечено парите. Цениме дека овој Закон можеби можел да биде донесен, но порано од што истекол рокот, нагласи Пешев.
По донесувањето на Законот за солидарен данок минатата недела, реагираа сите стопански комори, а Стопанската комора најави, како што и претходно предупредуваше, дека ќе го оспори пред Уставен суд. Министерот за економија Крешник Бектеши во четвртокот, одговорајќи на новинарски прашања, и порача на Комората тоа да го стори. Ако Законот биде оспорен, како што рече, Владата е обврзана тоа да го почитува.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.