Уставниот суд на денешната седница го укина членот 12 од Законот за утврдување стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридорот 10, со кој меѓу другото беше предвидено дека работното време на секој работник во текот на целиот циклус на Проектот може да биде во просек 60 часа неделно во текот на годината, информираат од ССМ.
Оваа одлука Уставниот суд ја донесе врз основа на иницијативата поднесена на 28 декември 2021 година од Сојузот на синдикатите на Македонија и Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање, кој функционира во составот на ССМ.
Влада на Република Македонија сакаше градежните работници да ги направи робови, а Министерството за труд и социјална политика го дозволи тоа без ова решение да се разгледува на Економско социјалниот совет. ССМ брзо и ефикасно реагираше со поднесување на иницијатива која беше прифатена и спорниот член од законот е укинат од Уставниот суд со што неправдата врз работниците е исправена, велат од ССМ.
Оттаму укажуваат дека ќе продолжат со своите активности за целосно почитување на работничките права и во таа насока ССМ ќе ги преземе и сите законски постапки за да се постигне законско усогласување на платите на вработените во јавниот сектор со порастот на минималната плата .
Нема да може да градите политика на грбот на работниците, така било и така и ќе остане. Ве потсетуваме дека не е добро да сте на спротивната страна од работниците. Заради погубните политики, 138.000 работници ви се на генерален штрајк. Работничката борба продолжува, ѝ порачаа од ССМ на Владата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.