Минималната синдикална кошница која ја пресметува Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) достигна 50.224 денари за септември, соопштија од синдикатот.
Истовремено, оттаму велат дека инфлацијата излегла од контрола и дека според последните пресметки достигнала 18.7 отсто, и дека, владата, како што велат, не преземала ништо во изминатиот период да се спречи галопирачкиот раст, додека трендот на осиромашување на работниците и граѓаните никој не го спречува туку напротив газдите се закануваат со откази.
Владата и работодавачите го честитаа 07 октомври, Меѓународниот ден за пристојна работа со непристојни плати и непристојна работа, со сиромашни работници и граѓани кои веќе не можат да си ги дозволат основните потреби за егзистенција.
Поради се поевидентното зголемувањето на цените, имаме тренд на осиромашување на работниците и граѓаните и итно е потребно зголемување на платите со кој ние работниците без да се грижиме за нашата егзистенција ќе можеме да си ги овозможиме најмалку трошоците во висина на една синдикална потрошувачка кошница. Бизнисот и газдите и во време на економска и енергетска криза направија милионски добивки додека работниците едвај преживуваат и го чувствуваат на сопствена кожа најголемото зголемување на трошоците за живот од 18.7%“, велат од ССМ.
Оттаму велат дека тоа што им е потребно на работниците е поголеми пристојни плати и услови за работа. Од синдикатот инсистираат платите во државата да го следат порастот на инфлацијата, но и порастот на минималната синдикална кошница, бидејќи велат дека не може да се справува со зголемените трошоци за живот без зголемување на платите на работниците.
ССМ бара доследна примена на одредбите од колективните договори за усогласување на платите согласно порастот на инфлацијата, продолжување на важењето на досегашни анти-кризни мерки со замрзнување на маржата кај досега определените продукти како и проширување на повеќе прехрамбени продукти, но и бесплатен градски превоз до и од работа“, додаваат од ССМ.
Истовремено, тие бараат повторно да се воведе мерката за право на платежна картичка за купување домашни производи и плаќање на сметките за електричната енергија за одредена категорија на работници и граѓани кои се најзагрозени и најпогодени од економската криза.
Да се поделат вредносни картички за купување храна и плаќање на сметките за електрична енергија на одредена категорија на семејства, особено на оние чиј вкупен приход е во износ под просечна плата – 31.812 денари во едно четиричлено семејство во висина до разликата од синдикалната минимална кошница – 50.224 денари. Апелираме на одговорно однесување на владата и бизнис секторот, време е за одговорно однесување и солидарност и поддршка пред се за ранливите категории на работници и граѓани, во спротивно социјалните немири нема да може да ги спречи никој“, посочуваат од ССМ.
Минималната синдикална кошница на Сојузот на синдикати на Македонија во споредба со септември пораснала за речиси 2.000 денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.