Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) е најактивна меѓународна финансиска институција во земјава. Во изминатите 30 години РС Македонија има континуирана поддршка во реализација на своите приоритети, а таа поддршкa продолжува и понатаму. Потврда за успешната и долгорочна соработка беше искажана денеска на средба на министерот за финансии Фатмир Бесими со претседателката на ЕБОР Одил Рено-Басо, во рамките на Делфи форумот што се одржува во Грција.

„Зелената агенда е во фокусот на работата на Владата. Тоа се покажува дека е значајно особено во услови на енергетска криза и обезбедување енергенси од сопствени извори. На тој пат во проширување на капацитетите за производство на електрична енергија е значајна поддршката од меѓународните финансиски институции, а особено од ЕБОР, истакна министерот Бесими.

Потсетувајќи на мерките што ги презема Владата за справување со влијанието од ценовната и енергетската криза и потребата на евентуално дополнителна поддршка на стандардот на граѓаните и домашната економија, што директно зависи од развојот и времетраењето на настаните во Украина, министерот напомена дека за надминување на енергетската криза со помал притисок добредојдена е поддршката од меѓуанародни институции како во периодот на Ковид-19 пандемијата.

„Пакетот мерки за поддршка на стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите е 400 милиони евра. Поддршката за да се влијае да нема висок раст на цената на електричаната, но и на топлинската енергија ,кон ЕСМ почна уште минатата година и таа изнесува 10,6 милијарди денари. За да се поддржи понатаму ликвидноста на компанијата, од страна на ЕБОР е понудена  кредитна линија, која е во постапка на обезбедување. Кредитната линија, е значајно што се обезбедува со каматна стапка од околу 1 %. Разговорите меѓу ЕБОР и ЕСМ се во тек и се очекува наскоро да бидат финализирани сите правни документи кои ќе бидат потпишани по донесување на закон за гаранција од страна на Собранието на РС Македонија, посочи министерот Бесими.

На средбата беше потенцирано дека ова е огромна криза, која го зафати целиот свет, особено Европа, на чие тло се води војна, а особено во период кога се уште не беше економијата закрепната од ковид-кризата и потребни се заеднички напори и инвестиции.

За РС Македонија особено е значајна реализацијата на прекуграничната гасна интерконекција со Грција за која веќе се обезбедени дел од средствата и грант од ВБИФ и потребна е поддршка за затворање на финансиската конструкција. Инвестицијата се процедува на 53 милиони евра, а обезбедени се 25 милиони евра од ЕИБ и 12 милиони грант од ВБИФ.

На состанокот беше потенцирана поддршката што ЕБОР ја дава во реализација на инфраструктурните проекти од Коридорот 8, како и изградбата на автопатот Скопје-Блаце.

Министерот Бесими истакна дека РС Македонија ја цени поддршка на ЕБОР за добивање на грантот од ВБИФ во вкупен износ од 230,35 милиони евра, од кои 152,45 милиони евра се наменети за кофинансирање на источниот дел на железничкиот Коридор VIII, односно последната делница Крива Паланка – граница со Бугарија. При тоа беше дискутирано во иднина Министерството за финансии и ЕБОР да иницираат активности за започнување на изградбата на западниот дел  од железничката пруга на Коридот 8, од Кичево до границата со Албанија.

Активното портфолио на ЕБОР во земјава во моментов изнесува над 900 милиони евра, од кои 83 % проценти од средствата се планирани во инфраструктурни проекти, 14 % во финансискиот сектор и 3 % во секторот индустрија, трговија и земјоделство.  ЕБОР е активна во земјава од 1993 година и досега има одобрено 154 проекти во вредност од 2,2 милијарди евра.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.