Советот на Народната банка на вчерашната редовна седница го усвои Кварталниот извештај за последното тримесечје од 2023 година. Во Извештајот се наведува дека во последниот квартал лани, Народната банка нема направено дополнителна промена во поставеноста на монетарната политика, соодветно на условите во економијата. Тековното ниво на основната каматна стапка, заедно со промените кај задолжителната резерва, како и со преземените макропрудентни мерки, овозможуваат забавување на инфлацијата, во согласност со очекувањата и задржување на стабилноста на девизниот курс. Со оглед на монетарната стратегија на стабилен девизен курс на денарот во однос на еврото, поставеноста на монетарната политика на Народната банка соодветствува со монетарната политика на Европската централна банка.
Како што се наведува во соопштението од Народна банка, најновите показатели од домашната економија упатуваат на макроекономска слика којашто главно соодветствува со октомвриските оцени. Реалниот БДП во третиот квартал бележи годишен раст од 1,2 отсто, што е во согласност со октомврискиот циклус проекции (раст од 1,1 проценти).
Расположливите високофреквентни податоци за економската активност покажуваат рани знаци на забрзување на годишниот раст во последното тримесечје од годината, што засега е во согласност со октомвриските оцени за умерен раст на БДП во 2023 година од 1,9 отсто, а понатаму зголемување на 3 отсто во 2024 година и 4 отсто во 2025 − 2026 година. Зголемените геополитички тензии поради војната во Украина и конфликтот меѓу Израел и Газа и нивното евентуално проширување се клучните ризици на краток рок, коишто би можеле да предизвикаат нарушување на енергетските пазари и на глобалните трговски текови, се наведува во соопштението.
Во последното тримесечје од 2023 година, како што посочуваат од Народна банка, годишната стапка на инфлација дополнително забави, сведувајќи се на 3,4 отсто.
За целата 2023 година, просечната годишна стапка на инфлација изнесува 9,4 отсто и е во согласност со проекцијата (9,5 проценти). Според октомвриските оцени, за 2024 година се очекува дека просечната инфлација ќе се сведе на нивото од 3,5 отсто до 4 отсто и потоа ќе се стабилизира околу 2 отсто на среден рок. Ризици околу инфлацијата сè уште постојат и се поврзани главно со цените на примарните производи на светските берзи, поради геополитичките тензии и климатските промени, како и со промените на регулираните цени и побарувачката, се додава во соопштението.
Во четвртиот квартал од 2023 година, како што истакнуваат од Народна банка, кредитната активност на банкарскиот сектор умерено се засили во однос на претходниот квартал, што е карактеристично за крајот на годината.
Сепак, на годишна основа, стапката на раст на вкупните кредити и натаму забавува, при затегнати монетарни услови, така што во последното тримесечје на 2023 година се сведе на 5,1 отсто, што е малку под очекувањата според октомвриската проекција (5,7 проценти). Истовремено, е забележан поизразен квартален раст кај депозитната база и натамошно забрзување на годишниот раст на депозитите, којшто достигна 9,1 отсто, што е над очекувањата за крајот на годината според октомвриската проекција (8,4 отсто). Притоа, и натаму има поволни придвижувања од аспект на рочната и валутната структура на штедењето (раст на долгорочните и на денарските депозити), одразувајќи ги ефектите од мерките преземени од страна на Народната банка и стабилизираните очекувања на економските субјекти, се наведува во соопштението.
Според Народна банка, надворешната позиција на економијата е поволна и овозможува раст на девизните резерви. Податоците за девизните резерви за четвртото тримесечје се подобри од очекувањата според октомвриските проекции, со што за целата 2023 година тие остварија повисок раст од очекуваниот и останаа во сигурната зона.
Во Извештајот се наведува дека условите за водење на монетарната политика и натаму се неизвесни, додека ризиците за светската и домашната економија на краток и на среден рок сѐ уште постојат, поради што е потребна натамошна претпазливост, особено при водењето на макроекономските политики коишто влијаат врз побарувачката во економијата.
Народната банка, како што стои во соопштението, и натаму е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, стабилизирање на инфлациските очекувања и за ценовна стабилност на среден рок.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.