АД ЕСМ треба да биде пример како да се штеди енергијата, зашто ние ја произведуваме, рече денеска генералниот директор на компанијата, Васко Ковачевски.
Одговорајќи на новинарско прашање како ЕСМ успеа да заштеди струја кога фасадата на зградата се уште не е направена, Ковачевски одговори дека освен што максимално се почитувале мерките препорачани од Владата, во претпријатието има и други, дополнителни мерки.
Намалено скроз на нула греењето, намалени осветлувањата, намалена другата потрошувачка. ЕСМ не е само ЕСМ како дирекција, има и свои подружници, има и свои испостави. Максимално се придржуваме кон мерките на штедење што ги препорача Владата, меѓутоа не само препораката од Владата, ние имаме и дополнителни мерки. Како компанија имаме и други начини како да заштедиме енергија. Сметам дека така ќе продолжиме и во наредниот период. ЕСМ треба да биде пример како треба да се штеди енергијата затоа што ние ја произведуваме. Иако за нас енергијата е евтина, можеме да ја користиме во периоди кога сакаме и колку сакаме, но штедењето ќе значи дека таа енергија што ќе ја заштедиме, ќе ја пласираме во системот на испорака на енергија и таму ќе може да ја наплатиме и дополнително да го заштитиме системот во државата да биде сигурен и стабилен – рече Ковачевски.
Во наредните неколку денови ЕСМ ќе излезе со точно и прецизно објаснување како и на кој начин ги направила заштедите на струја во септември, колку изнесува тоа финансиски и каков е планот за наредниот период.
Имаме производна цена и цена на берзите. Доколку ја купувавме таа енергија сигурно ќе беше многу повеќе. По производната цена ќе излеземе во текот на наредните неколку денови со точно и прецизно објаснување како и на кој начин ги направи овие заштеди ЕСМ, колку заштеди финансиски и како е планот за наредниот период. Оставете во наредните неколку денови и официјално ќе биде соопштено на кој начин ги правиме заштедите, не само во дирекцијата, туку и во нашите производни единици – нагласи Ковачевски.
Владата вчера соопшти дека најголема заштеда на струја минатиот месец, по донесувањето на одлуката за рационално трошење струја, направила административната зграда на АД ЕСМ со вкупно 75 отсто.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.