Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски денеска направи увид во почетните градежни активности за реконструкција на локалниот патен правец од селото Блатец до месноста Детлово во општина Виница. Реконструкцијата се реализира преку проектот за рехабилитација на локалната патна мрежа во општините што го спроведува Министерството, а на локалниот пат во Виничко се работи на проширување на банкините, по што ќе се постави нов асфалтен слој во должина од околу четири километри и ширина од 3,5 метри, а ќе се замени и оштетената сообраќајна сигнализација.

Општина Виница преку овој проект на располагање има околу 780 илјади евра, а за локалниот пат од Блатец до Детлово се наменети преку 300 илјади евра. Очекувам градежните активности да се одиваат во предвидениот рок, со планираното темпо и динамика. Локалната самоуправа ја реализира реконструкцијата со финансиска поддршка од Владата, а во наредниот период таа треба да аплицира и со други проекти за целосно да ги искористи средствата што ѝ се ставени на располагање, истакна министерот Бочварски.

Средствата за реконструкција на патниот правец Блатец – Детлово се обезбедени преку Меѓународната банка за обнова и развој, а рокот за комплетирање на градежните работи е четири месеци.

Министерот Бочварски нагласи дека иако е почеток на годината, сите капитални проекти продолжуваат со силна динамика, а буџетот на Министерството за оваа година е проектиран на 308 милиони евра за инфраструктурни проекти. Рехабилитацијата на локалната мрежа е меѓу најзначајните проекти и досега се опфатени околу 130 патни правци во над 60 општини.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.