ЕСМ Снабдување со топлина ги известува потрошувачите дека интензивно работи на подготовка на сметките за топлинска енергија за октомври и дека тие ќе стасаат со мало задоцнување, во однос на датумот кога претходно вообичаено ги добивале поради потребните технички подготовки за нивна изработка и ќе имаат соодветен рок за плаќање.

Во рамки на подготовките на фактурите се одвиваат и подготовки на постапката за префрлање на податоците на потрошувачите, со што тие ќе се префрлат од претходниот снабдувач со топлинска енергија на сегашниот, ЕСМ Снабдување, во законски определена процедура согласно Законот за заштита на личните податоци. Од претходниот Снабдувач со топлинска енергија ќе се преземе целокупната база на податоци потребна за изработка на фактурите, вклучително и личните податоци на потрошувачите на централниот систем за греење, како и сопствениците на станови и деловни простории лоцирани на подрачјето на општините каде ЕСМ Снабдување има лиценца, се наведува во соопштението на ЕСМ Снабдување.

Преземањето на целокупната база на податоци вклучително и личните податоци за потрошувачите произлегува од нужноста за обезбедување континуитет во вршењето на дејноста.

Сакаме да напоменеме дека независно од постапката за преземање на податоците, секој потрошувач потребно е да склучи Договор за снабдување со топлинска енергија заради регулирање на потрошувачкиот однос со снабдувачот, а тоа е утврдено во Правилата за снабдување со топлинска енергија. Потенцираме дека не е правно возможно преземање на договори со претходниот снабдувач, односно потребно е да се склучат нови договори. Досега, во ЕСМ Снабдување склучени се 11 200 договори за снабдување со топлинска енергија со потрошувачите. Времето на задржување на потрошувачите во пунктовите е значајно намалено откако електронскиот образец на ​Договорот за снабдување со топлинска енергија е поставен на веб страницата на АД ЕСМ и на официјалните канали на социјалните мрежи, со оглед на тоа што документот сега се предава веќе пополнет од нивна страна, се нагласува во соопштението.

Во следниот период ЕСМ Снабдување, по достава на фактурите за топлинска енергија, до потрошувачите кои сѐ уште не потпишале договор ќе го достави образецот на Договорот за снабдување со топлинска енергија  на нивната адреса, по што тие ќе треба да го предадат потпишан од нивна страна во пунктовите на ЕСМ Снабдување.

Компанијата ветува дека ќе им овозможи на граѓаните соодветен временски период за да ја регулираат обврската, и во тој период греењето непрекинато ќе се испорачува.

Потрошувачите кои имаат склучено договор за наплата на фактурите за топлинска енергија преку траен налог, од матичната банка ќе добијат инструкции за постапување.

Оние кои плаќаат преку електронско банкарство, во зачуваните шаблони односно ПП налози за плаќање ќе биде потребно да ја проверат и ако има потреба и да извршат промена на жиро-сметката од претходниот Снабдувач и да ја внесат таа на ЕСМ Снабдување која ќе им биде доставена со фактурите.

Фактурите за потрошувачите на ЕСМ Енер на РСМ за надоместување на разликата на цената на топлинската енергија, веќе се дистрибуираат за август и за септември и ќе имаат соодветен рок за плаќање.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.