Членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески испрати писмена изјава во врска со тврдењата изнесени од премиерот Ковачевски на трибина во Крива Паланка на 29.10.2022 година.

Неговата писмена изјава ви ја пренесуваме интегрално во продолжение:

„Вчера премиерот Ковачевски пред присутните во салата на трибината во Крива Паланка излажа дека тој кажал дека минималната плата за работниците требало да изнесува 18.000, наместо претходниот износ од 15.200 денари. Факт е дека ова на заминување од функцијата премиер го кажа неговиот претходник, Зоран Заев. Наместо да се кити со „туѓи перја“, Ковачевски беше принуден да ги собира растурените пердуви од страна на неговиот претходник и тоа да го прикажува како свој успех. И по осум месеци од стапувањето во сила на Закон за минималната плата во мај оваа година не е применет членот 8 од законот за усогласување на сите плати во јавниот и приватниот сектор со порастот на минималната плата. Поради ова, владата на Ковачевски е тужена од страна на нивниот омилен синдикат, ССМ, кој се уште тврди дека, наводно, јавниот сектор бил во континуиран генерален штрајк, сè со цел да се затапи острицата на синдикалната борба за остварување на правата на работниците утврдени со закон.

Катастрофалните економски политики на владата предводена од Димитар Ковачевски ја вброија Република Македонија меѓу земјите со највисока инфлација во Европа и во светот. Со стапка на инфлација од близу 20%, толку фалената минимална плата од 18.000 денари е реално намалена за цели 8% и во просек вреди колку што пред една година вредеа 16.500 денари. За тие што ја примаат минималната плата, со оглед на тоа што тие повеќе трошат за храна и други основни животни потреби, износот на минималната плата денес реално вреди дури и помалку од 15.000 денари, што значи дека Ковачевски не само што не го остварил аманетот на Заев за повисока минимална плата, туку успеал истата според куповната моќ да ја сведе под нивото од времето на својот претходник.

СДСМ, Ковачевски и неговиот претходник Заев се директни виновници за тоа што инфлацијата во Македонија е двојно повисока од просекот во еврозоната. Околу две третини од порастот на цените кај нас отпаѓаат на домашни фактори, а само една третина од инфлацијата е увезен од високите цени на храната и енергијата на светските берзи. Најголем доказ за ова е што веќе шест месеци паѓаат светските цени на храната и енергијата, а инфлацијата во нашата земја се уште дивее. Неколку фактори се битни за ова: прво, катастрофалното запоставување на енергетскиот сектор, што предизвика најниско ниво на производство на домашна енергија; второ, популистички мерки за купување гласови пред секои избори со позајмени средства од надвор; вештачки притисок за раст на платите во услови кога продуктивноста на трудот во економијата бележи континуиран пад во последниве 5 години откако СДСМ се на власт; и четврто, задоцнети и несоодветни мерки за поддршка на граѓаните и претпријатијата во услови на криза.

Вчера Ковачевски во Крива Паланка се обиде да ги излаже рударите кои никогаш не работеле за минимална плата. Катастрофалните економски политики на владата на СДСМ и ДУИ се на пат овие наши сограѓани да ги доведат до питачки стап.“



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.