Националниот оператор на пазарот на електрична енергија – МЕМО успешно управува со организираниот пазар на електрична енергија во земјава речиси една година и ги гарантира плаќањата и испораката на електрична енергија, изјави управителот на МЕМО, Симон Шутиноски во обраќањето на Панелот „Дали интеграцијата на договорните страни на Енергетската заедница ќе обезбеди посилен единствен европски пазар за електрична енергија“ во рамки на Форумот за Интеграција на пазарот на електрична енергија, што се одржа во Европскиот парламент во Брисел.

Тој посочи дека со воведувањето на берзата на електрична енергија во земјава се зголемија можностите кои ги нуди електроенергетскиот пазар преку транспаренти и сигурни механизми за тргување со струја и нејзино обезбедување по референтни цени.

– Со целосното транспонирање на третиот енергетски пакет на ЕУ во македонското законодавство во 2018 година, во нашата земја се создадоа услови за воспоставување на нова ера на организирано тргување со електрична енергија. Сите бевме подготвени за големиот предизвик кој беше пред нас, затоа што веруваме во придобивките што организираното тргување со електрична енергија им ги носи на сите релевантни страни, нагласи Шутиноски.

Тој посочи дека за воспоставување на организираниот пазар на електрична енергија во сегментот ден однапред, МЕМО имаше голема поддршка од Владата, Секретаријатот на Енергетската заедница, УСАИД и сите чинители во енергетскиот сектор во Македонија.

– Дополнително, со поддршка на нашите партнери од најголемата берза во Европската Унија -ЕПЕКС и словенечката енергетска берза БСП, обезбедивме локален транспарентен организиран пазар на тргување ден однапред, со можност за спроведување на пазарно спојување со берзите со земји-членки на Европската Унија. Веќе една година MEMO им обезбедува услуги на учесниците со сигурни референтни цени за секој час седум дена во неделата, во текот на целата година. Започнавме со 23 учесници, а денес имаме 30 што претставува импресивна бројка за мал пазар на електрична енергија каков што е македонскиот, рече Шутиноски.

Тој додаде дека е важно тоа што се работи берзата во иднина да биде поврзана со берзите на соседните земји и членки на ЕУ, што ќе овозможи директен пристап до регионалните пазари, а тоа значи зголемување на пазарните можности за учесниците на македонскиот енергетски пазар како и поголема флексибилност во тргувањето со енергија.

Потсетувајќи дека се работи на реализација на два проекти за поврзување со берзите од соседните земји, Шутиноски потенцира дека предуслов за тоа е усогласување на нашето законодавство со Европските регулативи за што најважно е носењето на новиот Закон за енергетика како основа за тој процес.

– Потоа ќе продолжиме со процесите во нашите проекти и очекуваме дека првото спојување со берзите на соседна земја членка на ЕУ ќе се реализира до крајот на 2026 година, согласно планот за интеграција на проектите за пазарно спојување на берзите на електрична енергија на ЕУ, рече Шутиноски.

Според него, визијата на МЕМО е да понуди повеќе можности за тргување на локалните партнери преку спроведување на поврзување на берзите со што би се овозможило полесен пристап до прекугранични капацитети и оптимална работа на електро енергетскиот систем преку транспарентни цени.

Покрај Шутиниски, на панелот говореа и генералниот директор на Дирекцијата за електроенергетика при Министерство за енергетика и рударство на Црна Гора, Звјездан Вујовиќ, потпретседателот на Унгарска регулаторна управа за енергетика и јавни комунални претпријатија (MEKH), Пал Сагвари, раководител на Одделот за организација на здружени аукции во украинската Национална енергетска компанија „Укренерго“, Дмитро Корнијенко и претседателот на Комитетот за пазарно поврзување (МЦСЦ), Косимо Капидољо. Модератор на дискусијата ќе биде извршниот директор на Алпско-јадранско дунавската берза за електрична енергија (АДЕКС) и на Словенечката енергетска берза (БСП), Анже Предовник.

На форумот учествуваа над 120 учесници, клучни чинители на берзите на електрична енергија од земјите од Западен Балкан и Европската Унија. Главната цел на собирот беше да генерира политичка и регулаторна поддршка за понатамошна интеграција на договорните страни на Енергетската заедница со посебен фокус на пазарното спојување на електрична енергија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.