Светска банка ја намали прогнозата за раст на домашниот бруто-производ на Македонија за оваа година за 0,7 процентни поени во однос на јунските проекции, на 2,4 отсто, покажува најновиот, јануарски, извештај на банката „Глобални економски изгледи“, објавен вчера. Намалени се и прогнозите за наредната 2024 година за 0,5 процентни поени на 2,7 отсто, стои во извештајот. Инаку, штотуку завршената 2022 година според процената на Светска банка, БДП во земјава се зголемил за 2,1 отсто, што е потфрлање во однос на јунските проекции за 0,6 отсто.

Македонија не е единствената земја за која Светска банка ги ревидира проекциите за економски раст. За Албанија на пример, проекцијата за растот е намалена за 1,3 процентни поени на 2,2 отсто за оваа година, за Босна и Херцеговина за 0,6 процентни поени на 2,5 отсто, за Бугарија за 2,6 процентни поени на 1,7 отсто, за Хрватска за 2,6 процентни поени на 0,8 отсто, за Црна Гора за 1,3 процентни поени на 3,4 отсто, за Србија за 0,4 процентни поени на 2,3 отсто раст годинава и тн.

Генерално, прогнозите за економски раст и на глобално ниво не се добри, а тоа посебно се однесува на развиените економии на кои им се заканува рецесија.

Во извештајот, Светска банка ги намали прогнозите за раст за 2023 година на ниво кое е на работ на рецесија за многу земји, наведувајќи го влијанието на засилените зголемувања на каматните стапки, продолжувањето на војната во Украина и колапсот на главните мотори на за раст на глобалната економија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.