Имавме повеќе состаноци со министерот Љупчо Николовски и беше ветено уште во февруари месец дека на крајот на март ќе ги добиеме субвенциите, но од субвенциите ни трага, ни глас. Значи не можеме да чекаме. Зошто? Затоа што веќе почна жетвата, а се надеваме дека ќе има забрана за извоз на земјоделски култури како што се јачмен и жито итн. Но, и да има забрана на извоз, ние немаме пари да купиме. Секако тонеме. И за тоа ќе ги замолам од власта најитно да ги пуштат субвенциите до 17-ти овој месец. Ако не ги пуштат здружението Агроцентар излегува на протест по дадениот рок за исплата на субвенции, истакна револтиран сточар и член на здружението Агроцентар во изјава за медиуми.
Сточарот нагласи дека по 17-ти овој месец земјоделците ќе излезат на протест бидејќи веќе ситуацијата е неиздржлива. Има многу лажење од страна на власта, се што вети ништо не исполни за жал.
– Јас алармирав уште поодамна дека бројката на добитокот која ја кажуваат од власта е вештачка. Од власта кажуваа некоја бројка од 700-800.000 овци во Македонија, а во државата нема повеќе од 400.000 за жал. Ние формиравме координативно тело за да помогнеме и на оваа власт нели за да ги фатат манипулатори што земаат субвенции, а не чуваат добиток. Но за жал не најдовме никаков разбирање од страна на АХВ. Значи нема заинтересираност. Тие удрија пак по нас демек се краделе субвенции бидејќи биле големи. Кои се тие големи субвенции, ние земаме најмали субвенции во регионот, појасни членот на Агроцентар.
Во текот на својата изјава тој потсети дека паролата на власта беше дека кога ќе се најпотребни субвенциите на сточарите и земјоделците тогаш ќе ги земаат. Но, за жал не кога им се најпотребни, туку сточарите и земјоделците ги земаат кога веќе не им требаат, имено лани ги добиле во август месец. Тој ја запраша власта што сака, дали сака Македонија да стане увозно зависна земја на млечни производи, ако сакаат така нека кажат навреме за да не се мачат сточарите и да ја продадат стоката.
– Ако сакаат да работиме, нека ни ги дадат парите на време. Ние никогаш не сме побарале нешто што е надвор од нашите граници. И оние од сточари и од овчари направија да бидеме политичари и да трчаме по тие врати за да си ги бараме нашите права. Значи нека ме остават за да можам да си ја работам мојата работа. Значи јас знам кај ми е местото, јас ќе си отидам на планина кај што ми се овците и ќе си работам. А, не да ја работам работата на власта, нагласи сточарот.
Тој додаде дека кога се смени министерот на земјоделие, кога дојде Љупчо Николовски субвенциите паднаа од 1.300 денари по грло на 1.000 денари. И едвај се успеа со преговори цената да биде барем 1.200 денари по грло и да биде линеарно за сите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.