Блокот 1 на Рударско – енергетскиот комбинат Битола неколку часа после испадот од мрежа, синоќа е повторно ставен во функција, информираат од Комбинатот.

Вечерва, во 22:02 часот Блок 1 на РЕК Битола е ставен во функција. Постројката е синхронизирана со македонскиот електроенергетски систем и испорачува електрична енергија. Благодарение на натчовечките напори на вработените во комбинатот, РЕК Битола експресно го оспособи Блокот и продолжува да работи со два блока. Покрај Блок 1, во погон е и Блок 3 на РЕК Битола, а Блок 2 е во ремонт. За среќа, овојпат испадот на блокот од мрежа не предизвика поголеми оштетувања на опремата на комбинатот, што овозможи брза санација на последиците и брзо враќање во функција на постројката, наведуваат од РЕК Битола.

Блок 1 испадна од мрежа вчера попладне околу 16:45 часот заради прекин во напојувањето со струја, што пак беше предизвикано од испад на далновод на МЕПСО. Испадот на блок на РЕК Битола заради проблеми во системот на МЕПСО беше втор во рок од десетина дена, наведуваат од РЕК Битола.

Од АД МЕПСО, пак, синоќа излегоа со реакција дека далекуводот кој го напојува Блок 1 во РЕК Битола е цело време под напон и нема никаков проблем со напојувањето.

Денеска, дождот и ветерот во Битола предизвикаа краток испад на 110 кв далекувод ТС Битола 2 – ТС Битола 4, но посочуваме дека овој испад не е причина за прекин во нормалното напојување на Блок 1 во РЕК Битола. Далекуводот кој со електрична енергија го напојува овој блок, за цело време е под напон и на него нема никаков проблем со напојувањето, нагласуваат од АД МЕПСО.

Оттаму велат дека ваквиот чекор да се префрли одговорноста за испадот во РЕК Битола врз АД МЕПСО во најмала рака го сметаат како неоправдан и тенденциозен, но пред се како обид за прикривање на интерните проблеми.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.