Конфедерацијата на слободни синдиката (КСС) ја поздравува одлуката за зголемување на минималната плата на 22.567 денари од март годинава, но изразува загриженост во делот на усогласувањето на минималните плати согласно колективните договори.

Кога се работи за почитување на Законот за покачувањето на платите на функционерите, нема проблем и тој мора да се почитува, но кога станува збор за Законот за минимална плата има проблем да се спроведува и за него има различни толкувања, изјави претседателот на КСС Благоја Ралповски на прес-конференција.

Според него, во минатите усогласувања на платите низ годините законите не биле целосно испочитувани и бара тоа да не се повтори и овој пат.

Кога ќе ги прашате за членот 8 од Законот за минимална плата велат па не знаем дали важи или не важи, а целата правна наука во Македонија им кажа дека важи, рече Ралповски и додаде дека не знае што уште е потребно да се направи.

Како што истакна тој, очигледно е дека треба да почнат да се пуштаат кривични пријави поради кршењето на законите.

Кажуваа дека доколку не го почитувале Законот за именувани и избрани лица ќе одговарале кривично. Сега да ги прашам дали ги почитуваат законите со кои на работникот во Македонија треба да му се усогласи платата, а да не зборуваме за покачување што ни следи со колективните договори, рече Ралповски.

Смета дека е спорно тоа што четирите закони за административните службеници, со кои, според него, се укинува минималната плата, повторно биле ставени на пленарна седница во Собранието и ги повика пратениците да не ги гласаат.

Изминативе шест-седум години платите беа усогласени некаде само два пати, а некаде три пати, а оние претходни години кога се покачуваше платата немаше усогласување во ниту еден сектор. Апелирам пратениците во Собранието да се издигнат над партиските директиви и да излезат во пресрет на работниците во Македонија и законите да бидат отфрлени на собраниска седница, потенцира Ралповски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.