Не може, работодавачи и газди, да ви бидеме робови седум дена во неделата. Ќе блокираме се и многу лесно овој протест ќе прерасне во штрајк, а тоа значи прекин на работата за време на работното време. Ако ние трпиме штета и вие ќе трпите штета, порача претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Дарко Димовски од денешниот првомајски протест, упатувајќи ги уште еднаш барањата – линеарно зголемување од 2.806 денари на сите плати во државата и повлекување на претставката за недела неработен ден од Уставниот суд.

Како што истакна Димовски, овие барања треба да се исполнат што поскоро.

-Зголемувањето на платите да се случи ден побрзо зашто економската криза не изеде, инфлацијата е се поголема и тие пари ни се се понеопходни. Да ве предупредиме, да ја повлечете претставката за недела неработен ден зашто тоа е реланост во земјава – работникот го користи тој бенефит – одмора, напомена претседателот на ССМ во кусото обраќање пред Стопанската комора.

Протестот почна пред зградата на ССМ, а ќе заврши пред Владата од каде, како што соопшти Димовски, ќе бидат испратени уште вакви јасни и гласни пораки.

Без пари нема работа“, „Зголемување на плата 2 806 денари веднаш за сите“, „Без лихвари, газди и банкари можеме, без работници не можеме“, „Договори за вработување на неопределено време“, „Стоп за мобинг“, се само некои од пораките што може да се забележат на протестот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.