Македонија од денеска ја крева рампата за извоз на сончогледово масло во Албанија. Додека од една страна просиме зејтин од Србија, од друга страна извезуваме! Наместо да го стабилизира македонскиот пазар со снабдување со зејтин, но и со цените на овој производ, власта се одлучи да им помага на граѓаните на Албанија. Револтот и реакциите на граѓаните по повод оваа најнова одлука за извоз на масло за јадење не стивнуваат. Се поставува прашањето дали навистина имаме вишок зејтин, и доколку е така, зошто тоа не се искористи да се намали цената на овој производ, кој енормно поскапе последниве неколку месеци. Дали поради оваа одлука на нашите власти, не станува реалност опасноста Србија да го секне извозот на зејтин кај нас, водејќи се по логиката, зошто да дава производ на земја која има за извоз од овој дефицитарен производ, кој вреди како злато.

Реакција на македонските твитерџии не изостана:

Извозот на масло за јадење од Македонија во Албанија, вчера го најави албанската министерка за финансии, Делина Ибрахимај на заедничката прес-конференција со македонскиот министер Крешник Бектеши. Албанија претходно увезувала масло за јадење од Украина.

Сончогледово масло во Албанија, главно се увезуваше од Украина. Кај нас се чувствуваше недостиг како и на меѓународните пазари, што е и причината зошто цените се повисоки. Сакам да му се заблагодарам на министерот Бектеши за конструктивните разговори и сакам да гарантирам дека односите меѓу двете земји на полето на трговијата ќе продолжат да бидат многу добри – рече Ибрахимај.

Таа додаде дека ќе продолжи олеснувањето на сите процедури во рамки на Отворен Балкан.

Поради недостиг на масло за јадење во Албанија, чија цена е 3,1 евро, голем број албански граѓани од пограничните региони со Македонија зејтин главно купуваат во Дебар, Струга, Охрид и Ресен.

Во време на криза не смееме да ги изгубиме пазарите каде имаме традиционално пласман на производи. Договорот со Албанија е добра мерка за задржување на постојните пазари и тоа треба да биде овозможено и за другите пазари. Само со слободен проток на производи може да се балансира понудата и побарувачката – вели Љупчо Велески, директор за извоз во Витаминка.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера ја убедуваше јавноста дека  рафинирано масло за јадење има.

Ние имавме недостиг од нерафинирано масло, Србија имаше забрана за извоз на нерафинирано масло. Тие извезоа кај нас рафинирано и ресорните министри од Владата со постојани контакти успеаја да обезбедат нерафинирано масло, суровини за нашите компании – изјави Ковачевски во интервју за ТВ Сител.

Трговијата се одвива преку приватните компании, поради тоа што сите земји имаме либерално пазарно уредување. Албанија, на пример, има проблем да набави рафинирано масло, но ние тоа го имаме и нема да се наруши пазарот ако им дадеме, додаде тој.

Ковачевски изјави дека економијата не треба да се политизира. Секој што знае да се приклучи дневно на берзите, точно ќе види дека во моментот има константно високо ниво на енергенсите, односно на цената на нафтата, имаме историски највисоко ниво на електричната енергија и доколку се погледнат цените на житото, јачменот и сончогледот, тогаш ќе се види дека тие цени се драматично поголеми во однос на нормалните цени кои што ги имаше – истакна Ковачевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.