Македонија има стратешка географска позиција. За странските инвеститори е од клучна важност тоа што земјата е главна транспортна рута низ Европа. Даваме голема поддршка на странските инвеститори кои ќе донесат одлука да реализираат инвестициски проекти во земјата, а преку оваа поддршка за странските инвеститори директно се поттикнува целокупната економија, порача министерот за економија Крешник Бектеши на работниот состанок на тема „Трговија и инвестиции“ во рамки на Стратешкиот дијалог САД-Македонија што денеска се одржува во Вашингтон.
Во рамки на работниот состанок министерот ги презентираше можностите и поволностите кои што ги има земјата за развој на стратешки инвестиции.
Побара поддршка за Македонија во делот на развој на механизми за проверка на странските инвестиции, како главна цел за зајакнување на надлежноста на властите за заштита на националната безбедност, притоа зачувувајќи ја долгогодишната политика на отвореност за странски инвестиции.
Двете страни, како пто соопшти Министерството за економија, ја потврдија заедничката посветеност за проширување и продлабочување на билатералната економска и комерцијална соработка и споделија идеи за зголемување на трговијата и инвестициите во различни сектори.
-Правната рамка во Македонија е генерално поволна за странските инвеститори, а странските директни инвестиции постојано растат. Меѓутоа, имајќи предвид дека Македонија стана членка на НАТО и го продолжува својот пат кон интеграција во ЕУ, треба да обезбеди правни механизми за контрола на странските директни инвестиции од гледна точка на националната безбедност, со цел заштита на националните интереси, преку транспонирање на Регулативата на ЕУ 2019 година, кажа министерот Бектеши.
Министерот информираше дека Владата работи на развој на сеопфатен и транспарентен Регистар на државна помош за инвеститорите со цел да и да се создаде поефективен систем за известување за државната помош.
-Работиме на активности за поголема координација на различните програми кои како државна поддршка за инвеститори ги даваат различни институции со цел поголема транспарентност, истакна Бектеши.
Билатералната трговска соработка почнувајќи од 4 април 2003 година, откако Македонија стана полноправна членка на Светската трговска организација (СТО), се одвива според правилата, принципите и законските прописи на СТО.
САД се рангирани на 13-то место во вкупната трговска размена на Република Македонија со светот во 2020 и 2021 година.
Во трите месеци од 2022 година, САД се рангирани на 16-то место. Билатералната трговска размена е 76 милиони американски долари во трите месеци од 2022 година, при што извозот е 39,5 милиони американски долари, а увозот 36,6 милиони американски долари.
На работната средба беше отворена и дискусија за регионалните иницијативи на кои што учествува Македонија, каде министерот Бектеши информираше за најновиот развој во рамките на Отворен Балкан, Енергетската заедница, Коридорот 8 и градење на заедничка трговска политика во рамки на Заедничкиот регионален пазар како што се Слободно движење на стоки, услуги, капитал и работници.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.