Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска оствари работна средба со претседателката на Европската банка за обнова и развој, Одил Ренo Басо, на која заедно со тимовите на Народната банка и на ЕБОР го истакнаа значењето на долгогодишната успешна соработка и партнерство помеѓу двете институции. На средбата беше разговарано за повеќе актуелни прашања, при што тимот на Народната банка ги претстави согледувањата за макроекономските остварувања, економските движења, инфлациските и девизните состојби и состојбите во банкарскиот сектор.
Претседателката на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Одил Рено Басо, изрази поддршка за работата на Народната банка и гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, посебно во овие тешки времиња. Монетарната политика е претпазлива и ја ужива довербата од меѓународните финансиски институции. Соработката помеѓу двете институции е одлична и таква и ќе остане. ЕБОР и натаму ќе ја поддржува земјата на различни начини и во македонскиот банкарски систем гледа важен партнер.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска оцени дека инфлацијата во домашната економија е значително намалена, девизните резерви се зголемени и на солидно ниво, а финансиската стабилност е зајакната. Според неа, насоката на монетарната политика во наредниот период ќе зависи од динамиката на инфлацијата и забавувањето на инфлациските притисоци на потрајна основа, како и од состојбите на девизниот пазар.
Трендовите кај инфлацијата се поволни, a поволни се и движењата на девизниот пазар, каде што од почетокот на годината интервенираме со нето-откуп на девизи. Годишната стапка на инфлација во јуни позначително забави, пред сѐ во делот на прехранбената и базичната компонента и се сведе на 3,2%. За оваа година, според пролетните проекции, просечната годишна стапка на инфлацијата би се свела на 3,5 проценти, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска и оцени дека економијата во земјава полека закрепнува, а банкарскиот систем е стабилен, добро капитализиран и може да обезбеди понатамошна поддршка на економијата.
Макропрудентните мерки на Народната банка ја зајакнаа капиталната сила на банките, што е од суштинско значење за задржувањето на стабилноста на банкарскиот систем при соочување со евентуални ризици. Во целиот изминат период расте поддршката за граѓаните и фирмите, при што во мај стапката на раст на кредитите изнесува 6,8%, со раст на кредитите на домаќинствата од 7,3%, а на фирмите од 6,5% – истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска.
На средбата, гувернерката беше придружувана од вицегувернерката Емилија Нацевска и од генералната директорка на Секторот за супервизија Викторија Глигорова, а од страна на ЕБОР присуствуваа Томас Ревијал, директор на Кабинетот на претседателката на ЕБОР, Шарлот Руе, извршна директорка за Централна и Југоисточна Европа, Олег Левитин, задолжен за политички прашања, Фатих Туркменоглу, шеф на Канцеларијата на ЕБОР во Македонија и Наум Рибароски, самостоен банкар од Канцеларијата на ЕБОР во Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.