Скопје треба да израсне во транспортен логистички центар во кој ќе се вкрстат железничкиот, патниот и поморскиот превоз на стоки. Ова според плановите ќе се реализира напоредно со изградбата на железничкиот и патниот Коридор 8 и реконструкцијата и одржувањето на Коридорот 10 со што ќе се поврзат неколку држави и транспортни коридори кои ќе ги поврзат и околните мориња. Подготовката на студијата за оправданост на изградба на еден ваков транспортен јазол е почната, а треба да биде завршена во текот на следната година. Според она што се планира, овој транспортен јазол ќе се гради во Трубарево кое е местото на вкрстување на патните и железничките коридори 8 и 10.

Потребата од едно вакво решение, велат од ЈП МЖ Инфраструктура, произлегува од фактот што со изградбата на железничкиот и патниот Коридор 8 и можноста да се искористи поморскиот транспорт се очекува зголемување на протокот на стоки и патници, а Скопје се наоѓа на тоа вкрстување и не треба да се пропушти шансата да израсне и во транспортен логистички центар. Центарот е планирано да се гради во Трубарево.

– Главна цел со изградбата на Коридорот 8 покрај другите карактеристики е тоа што Скопје ќе биде логистички центар во овој дел на Европа водејќи сметка дека се вкрстуваат двата коридора 8 и 10, се поврзуваат Јонското и Средоземното Море со Егејското и со Црното Море дека се поврзуваат повеќе држави и дека ќе биде крстосница на огромна количина луѓе и стока која би требало да се прераспредели од централен јазол и со тоа всушност ја зголемуваме не само економската, туку и геостратешката важност. Ова ќе ја зголеми и нашата трговска размена повеќекратно – вели директорот на ЈП МЖ Инфраструктура Хари Локвенец.

Во прилог на ова се и податоците од ажурираната физибилити студија за исплатливоста на проектот за изградба на железничката пруга кон Бугарија, изработена во 2017 година со изградбата на железничките делници Куманово – Бељаковце и Бељаковце – Крива Паланка од железницата кон Бугарија во 2025 година преку неа би се транспортирале 6.421 тони стока дневно, а со целосната изградба и на третата делница, од Крива Паланка до бугарската граница, во 2046 година се проектира транспорт на 22.876 тони стока. Без да се направи ништо, односно да не се поместат работите со изградбата, во 2025 година во нашиот дел на Коридорот 8 би имало транспорт на 4.967 тони стока што би се пренело генерално со камиони, а во 2046 година таа бројка би изнесувала 12.132.

Локвенец вели дека веќе се контактира со Бугарија каде што веќе е изграден ваков терминал од каде што ќе се користат искуствата за изградба на овој транспортен јазол.

– Бугарските колеги се подготвени да ни го пренесат искуството за да не ги правиме грешките во подготовката и изградбата на мултифункционалниот јазол. Имавме неколку средби со нив. Една ќе се реализира и деновиве – вели Локвенец.

Тој оценува дека е добро што е почнато да се работи на овој јазол непосредно со изградбата на железничкиот Коридор 8 и изградбата на патниот Коридор 8, бидејќи со неговата изградба ќе се заокружи целиот транспортен систем.

– Мометално се работи на студија која треба да покаже колку е исплатлив овој проект – вели Локвенец.

Проектната документација е проценето дека ќе чини милион евра, а ќе вклучи и изработка на идеен проект за идниот објект. Парите се обезбедени од ИПА 2 програмата. Годинава ќе се потрошат 850.000 евра.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.