Министерот за економија Крешник Бектеши и претседателот на Регулаторна комисија за енергетика Марко Бислимоски, денеска на прес-конференција во Владата информираа дека, по координација со сите надлежните институции од енергетскиот сектор и консултации со Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) се предлага на компаниите кои имаат лиценца за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија разликата од актуелната до реалната цена на топлинската енергија да ја покрие Владата во најголем дел.

„Иако Градот Скопје и општините во склоп на градот, кои се надлежни за создавање на услови за вршење на енергетски дејности за континуирано снабдување со топлинска енергија, поради не преземање на мерки за справување со настаната состојба со цел обезбедување на континуитет и сигурност во снабдувањето со топлинска енергија, предлагаме разликата од актуелната до реалната цена на топлинската енергија да ја покрие Владата од буџетот во висина од 80 проценти, а останатите 20 отсто, со цел да се затвори цела финансиска конструкција и да се обезбеди сигурност и стабилност во снабдувањето со топлинска енергија за корисниците на топловодната мрежа, да ја покрие Градот Скопје и општините во градот“, кажа министерот Бектеши.

Бектеши информираше дека разликата од актуелната до реалната цена на топлинската енергија, Владата во име на потрошувачите кои се корисници на топлинска енергија, односно домаќинствата и јавните институции средствата ќе ги уплати на БЕГ, а БЕГ ќе ги намали сметките на потрошувачите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.