Автобуската карта до Куманово поскапе за 30 денари во еден правец и од денеска чини 150 денари. Доколку се пресмета во проценти излегува дека поскапувањето за оваа 40-километарска релација изнесува цели 25 %. До лани напролет картата беше 100 денари, но тогаш скокна на 120 па сега се искачи дури до 150 денари за билет, пишува Телма.

Цените во меѓуградскиот превоз со автобуси од денес имаат нова цена, па така и картата за Велес е поскапа за 30 денари, а најатрактивната тура до туристичкиот појас покрај Охридското Езеро скокна над 11 евра. Односно од денеска Скопје-Охрид е со карти од 680 денари. Повратната е поефтина варијанта и за два правци до Охрид чини 930 денари.

До Гевгелија автобуската карта чини 520 денари или повратна е 770 денари. Картите до Битола чинат 510 денари во еден правец, а повратна е 750 денари додека за Прилеп чини 420 денари (повратна 590 денари).

Цените за картите за Прилеп и Битола се покачени минатиот месец, така да денеска не доживеале ново покачување. Последните покачувања се движат меѓу 15 и 20 проценти иако например за Куманово цента во денари е помала, но во проценти е цели 25%.

Причините за новите поскапи цени се зголемување на трошоците пред се повисоката цена на горивото за автобуси и на резервните автобуски делови. На цените влијаело и прогласувањето на недела за неработен ден и тоа што ангажираните возачи и шалтерски службеници од јануари ќе добиваат и дневница за работа во со закон предвидениот слободен ден.

Граѓаните се изненадени од растот на цените. Превозниците претходно барале помош од државата поради кризата или со намалување на акцизата за горивата или со намалени патарини за автобусите во меѓуградскиот превоз.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.