Премиерот Христијан Мицкоски најавува исплата на поврат на ДДВ на фирмите по завршување на контролите кои вели дека се прават за да не се повторат случаи со исплати на фантом фирми.
На новинарско прашање за поплаки од фирми дека не добиле поврат на ДДВ повеќе од 100 дена, Мицкоски рече дека нема проблем со Буџетот и оти исплатите ќе се вршат по строга контрола и во рамки на законскиот рок.
Нема проблем со Буџетот,.. проблемот со Буџетот е и од претходно, но ние го решаваме и е во многу подобра состојба отколку што го наследивме. Откако ќе бидат сите проверени бидејќи досега на фантом фирми се исплаќани милиони евра поврат ДДВ, а потоа истите фирми се отуѓувани на граѓани од една од околните земји кои не постојат и потоа тие фирми се згаснуваат, а парите на граѓаните завршуваат најчесто кеш и на тој начин буџетот се празнел со десетини милиони евра. Повеќе нема на такви фантом фирми да се исплаќаат поврати на ДДВ. Ќе се исплаќаат откако ќе подлежат на строга контрола и во рамки на законскиот рок – изјави Мицкоски, истакнувајќи дека сега се прават контролите.
Имаме намера, наведе Мицкоски, да го имплементираме системот е-фактура којшто требаше да се имплементира уште пред седум години.
Премиерот потврди дека на седница на Владата се одлуките за укинување на лиценците за онлајн казината, посочувајќи дека со тоа ќе се реализира предизборното ветување.
Денеска на седница на Влада се одлуките за онлајн казината, усогласени со закон. Да, тоа што беше предизборно ветување денеска ќе се реализра, тие лиценци кои се незаконски според нас, а и според начелното правно мислење кое го добивме од ресорот, ќе бидат одземени – рече Мицкоски, при посетата на општина Ѓорче Петров.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.