Потпретседателката на Европската инвестициска банка Лилјана Павлова денеска доаѓа во земјава за да потпише грант за пречистителната станица во Скопје.

Павлова во интервју за МИА открива дека станува збор за најголем грант досега од ЕУ доделен за Македонија според Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) и дека со него се комплетира финансирањето на проектот, заедно со заемите од ЕИБ и ЕБОР.

Овој еколошки проект е дел од Економскиот и инвестицискиот план и зелената агенда со цел да се забрза зелената транзиција и да се овозможат подобри услови за живот за околу 500.000 луѓе. Имплементацијата треба да започне наскоро, по завршување на фазата на набавка, вели Павлова во интервјуто кое подоцна ќе биде објавено во целост.

Потпишувањето на договорот ќе биде во Клубот на пратеници, а на него најавено е присуство на вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, министерот за финансии Фатмир Бесими, министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова и евроамбасадорот Дејвид Гир.

Во интервјуто зборуваме со Павлова и за тоа колку е сигурен банкарскиот сектор по случувањата во Силиконската долина и Кредит свис и кога може да очекуваме олабавување на монетарната политика.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.