Зајакнување на комуникацијата и соработката од областа на макроекономските движења и макроекономската рамка, размена на податоци, анализи и други релевантни материјали коишто се од заемен интерес, консултации и експертизи за проекти, пренос на стручни знаења и вештини, обуки и едукативни настани. Ова се придобивките коишто се содржани во Меморандумот за соработка помеѓу Народната банка и Фискалниот совет, којшто го потпишаа гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и претседателот на Фискалниот совет, Глигор Бишев. На потпишувањето, присуствуваа и вицегувернерите Ана Митреска и Фадил Бајрами, како и членовите на Фискалниот совет, академик Абдулменаф Беџети и проф.д-р Марина Трпеска.

Координацијата помеѓу Народната банка и Фискалниот совет е од суштинско значење за постигнување долгорочна макроекономска стабилност. Фискалниот совет го следи спроведувањето на фискалните политики и фискалната одржливост, додека централната банка е засегната од влијанието на фискалните политики врз ценовната и финансиската стабилност. На средбата беше нагласена улогата на одржувањето на високото ниво на кредибилитет во работењето и независноста на институциите како важни фактори коишто придонесуваат за успешно остварување на целите.

Независноста на Народната банка е исклучително важна за одржување на ценовната и финансиската стабилност во земјава. Според индексот на независноста на централните банки на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Народната банка е меѓу највисоко рангираните во регионот и цела Европа. Независноста на Народната банка, придружена од транспарентноста и отчетноста, ѝ овозможува на централната банка високо ниво на доверба од страна на јавноста. Поголемата независност на централните банки во периодот на неколку последователни кризи се поврзува и со преземените мерки за стабилизирање на инфлацијата, одржување на стабилноста на девизниот курс и за постигнување стабилен долгорочен економски раст, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска, при што додаде дека целта на двете институции е преку независни стручни мислења да придонесат кон обезбедување макроекономска стабилност.

На средбата беше истакнато дека споделувањето информации и анализи помеѓу Народната банка и Фискалниот совет е предност при донесувањето одлуки засновани на податоци и факти коишто придонесуваат за подобро согледување на целокупниот економски амбиент во земјава заради остварување повисок економски раст.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.