Согласно Договорот за примена на заеднички гранични премини – One Stop Shop контроли во делот на проток на стоки и патници со Република Србија на Табановце – Прешево кој беше воспоставен во септември 2019 година, комплетно се завршени дополнителните инфраструктурни активности и реконструкции и тоа: поставени се нови кабини за работа на граничните полиции и царинските службеници од двете земји, нови рампи и извршено е реновирање на помошни простории за користење од страна на колегите од Србија. Дополнително поставена е и потребната мрежна и телекомуникациска инфраструктура за непречено одвивање на процесот, информираат владините служби.
Со реконструкцијата и новопоставените кабини и рампи, појаснуваат од таму, покрај подобрување на условите за работа, се постигнува и дополнително забрзување, пред се при пасошката проверка, бидејќи новата поставеност на кабините е таква (и за патнички и за товарни возила), да овозможува истовремено работење (без празен ‘од) на граничните полициски службеници од двете држави, што дополнително ќе влијае на забрзување на протокот на патнички и товарни возила, кое е особено важно во летниот период во тек на туристичката сезона.
Дополнително, додаваат дека за сите увозници, извозници, транспортери и други учесници во царинската постапка од трите земји во иницијативата Отворен Балкан, како и за економските оператори иматели на ОЕО одобренија и стоки од Зелените коридори, на граничните премини Табановце и Ќафасан во март 2022, поставени се табли за зелени (приоритетни) ленти. По истиот принцип, вакви табли се поставени и на Прешево и Ќафтане, од страна на Србија и Албанија.
Во моментот на ГП Табановце функционираат 5 ленти за патнички, 2 за товарни возила и една за автобуси. Со цел понатамошно подобрување на условите за побрз проток на патници на ГП Табановце каде се врши гранична и царинска проверка на излез од Србија и влез во Македонија, Царинската управа работи на прилагодување на уште две ленти за влез на патнички моторни возила, со што дополнително ќе се забрза протокот, посебно важно во летниот период и зголемената фреквенција на патници-туристи кои поминуваат преку овој граничен премин.
Исто така, со цел забрзување и намалување на времето за чекање на граница, Царинската управа ги разгледува можностите за граничниот премин Пелинце, кој се користи само за патнички промет, односно поминување на патнички моторни возила, да се актуелизира како алтернативен премин за патниците првенствено од Македонија и Србија. Toa би било во согласност со иницијативата Отворен Балкан и со предложениот начин за примена на концептот one stop shop, со цел побрз проток на патници и патнички моторни возила.
„Зелените коридори“ за проток на осетлива стока успешно и непречено функционираат во регионот со земјите на ЦЕФТА. Во Република Македонија тие се применуваат на граничните премини: Табановце, Блаце и Ќафасан, при што важат за усогласена ЦЕФТА-приоритетната листа каде се предвидени стоките што ќе имаат првенство на минување. Листата е јавно достапна (на веб страната на Царинска управа) и содржи прехранбени производи – месо, зеленчук, потоа медицинска опрема, лекови – точно определени по тарифни броеви. За овие стоки Царинските управи обезбедуваат приоритетен третман при премин на границата и при царинење, a списокот на овие стоки може да се менува и усогласува со сите ЦЕФТА земји. Исто така, информациите за овие видови стоки пред пристигнување се праќаат и се добиваат преку електронскиот систем на ЦЕФТА – СЕЕД. Идентификацијата се врши врз основа на тарифните ознаки, внесени во извозните и транзитните декларации“, се дополнува во владиното соопштение.
Имајќи ги предвид позитивните искуства од примена на Зелените коридори во рамките на ЦЕФТА, во тек се активности за нивно проширување кон соседните земји-членки на ЕУ. Во таа насока, на 07.07.2022 година, во рамките на Форумот за конективност во Солун, директорката на Царинската управа на Република Македонија и гувернерот на Независната управа за јавни приходи на Република Грција, потпишаа Меморандум за разбирање за електронска размена на податоци, со кој се овозможува примена на Зелените коридори за стоки кои излегуваат кон Република Грција, како и електронска размена на сет на податоци, пред пристигнување, преку системот ЦЕФТА – SEED системот. Во следните 6 месеци предвидено е можно проширување на опфатот на Меморандумот, со цел размена на податоци за стоки на влез во Република Македонија од страна на Грција. Со тоа, граничниот премин Богородица – Евзони со Република Грција е првиот пример на воспоставен Зелен коридор со земја-членка на ЕУ.
На Форумот учествуваа високи претставници од 11 земји од регионот (Западен Балкан и ЕУ), од министерствата за надворешни работи и транспорт и врски, директорите на царините, како и претставници од Европската Комисија, ЦЕФТА и Транспортната заедница. Во рамки на Форумот беа одржани и билатерални средби со соседните земји – членки на ЕУ, вклучително и средба на нашите претставници со претставниците од Република Бугарија, на која беше искажан позитивен став за проширување на оваа иницијатива и на граничните премини со Република Бугарија, информираат од Владата
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.