Елена Петрова денеска формално ја презеде функцијата директор на Управата за јавни приходи од заменик-директорот Мевљудин Синани.

Елена Петрова е професионалец со долгогодишно работно искуство во УЈП, која во моментот на назначувањето беше Раководител на Секторот за наплата и управување со долгови, соопштија денеска од УЈП.

Директорката Елена Петрова изјавила дека нејзина долгорочна и стратешка агенда е трансформацијата на УЈП, создавање „нов лик” на УЈП, „нов амбиент” и за даночните обврзници, за даночните службеници и за соработниците на даночната администрација.

Во УЈП ќе поттикнам динамичен курс на работа со цел за дигитализација и трансформација, за да обезбедиме плаќањето данок и услугите од УЈП да бидат најмало можно административно оптоварување, а што повеќе да бидат „природно” вградени во деловните системи на компаниите и на „близок дофат” на граѓаните, изјавила Петрова.

Обраќајќи им се на даночните обврзници, Петрова истакнала дека ќе негува кооперативност со даночните обврзници преку мрежи за директна соработка и отворена дебата за сите заеднички предизвици во плаќањето даноци и остварувањето на даночните права.

Даночните обврзници спроти себе нема да имаат бирократи кои настапуваат од позиција на моќ, туку администрација која обезбедува лесно достапни информации, едноставни алатки и директна помош кои ќе водат кон точно плаќање на даночните обврски и лесно и брзо оставрување на своите права, нагласила таа.

Новата директорка на УЈП ќе се залага за интензивна соработка со меѓународните организации, експертската јавност, медиумите и други засегнати страни, со цел со заеднички напори да оствариме позитивно влијание, зголемена даночна свест и даночен морал во општеството.

Петрова најавила и бескомпромисна борба со неплаќачите и затајувачите на данок и криминалните даночни измами, како и одговорност и казни за секој што ги оштетува народните пари заради противправно стекнување лична имотна корист.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.