Претседателот Стево Пендаровски се надева оти до ноември ќе бидат направени уставните измени, за да се избегне државата сама да се блокира за влезот во ЕУ. Тој тоа го изјави одговарајќи на новинарско прашање во рамки на Самитот на шефови на држави и влади на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), што се одржува во Подгорица.

„Како што е познато, минатата година гласавме да ја прифатиме европската рамка и тоа беше еден од предусловите да продолжиме со преговори за членство во ЕУ. Работната група во Министерство за правда, составена од ексpерти и политички претставници на партиите во парламентот даде предлог за содржината на амандманите, па и за влез на бугарското малцинство во македонскиот Устав. Според најавите, следните две недели би требало таа иницијатива да ги помине процедурите во Владата и потоа да влезе во парламентот. Во овој момент постојат разговори на различни политички нивоа, неодамна имаше и таканаречена лидерска средба меѓу премиерот и лидерот на главната опозициска партија, која сè до овој момент има забелешки, приговори и не е согласна да ја поддржи таа измена на Уставот. Некакви позитивни чекори напред од таа средба има, меѓутоа далеку сме сè уште од заокружување на тој процес“, изјави Пендаровски.

Тој рече дека „не би сакал воопшто и да помислам на опцијата сами себе да се блокираме кога веќе минатата година ја усвоивме европската преговарачка рамка, најлогично е да ја завршиме таа работа и да продолжиме со втората конференција за членство во ЕУ“.

Во своето обраќање на собирот Пендаровски изрази благодарност до Црна Гора за направените напори изминатата година за време на нивното претседавање со ПСЈИЕ и ги најави приоритетите на македонското претседавање со оваа иницијатива. Претседателот истакна дека, како претседавачи ќе се водиме од принципите наведени во основачките документи кои се од 1996 година, односно добрососедските односи, стабилноста, безбедноста, соработката во ЈИЕ и интеграцијата во евроатлантската заедница на слободни и демократски народи.

Пендаровски го претстави слоганот „Премостување на поделбите, градење доверба“ како водечка тема за македонското претседавање, со посебен фокус на помирувањето, регионалната соработка и забрзувањето на евроатлантските интеграции.

Претседателот Пендаровски, нотирајќи ги етничките тензии во регионот, кои лесно се искористуваат од надворешни актери, како и падот на евроентузијазмот порача дека од суштинско значење е да вложиме максимални напори за да се спротивставиме на овие тенденции преку дијалог и барање взаемно прифатливи решенија со разбирање и почитување еден кон друг.

Подоцна тој имаше заедничка прес-конференција со црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, како актуелен и следен претседавач со ПСЈИЕ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.