Претседателот Стево Пендаровски, денеска во Софија, Република Бугарија, се обрати на церемонијата по повод почетокот на комерцијалната работа на гасниот интерконектор Грција – Бугарија.
Пендаровски оцени дека ова е значаен настан бидејќи се случува во клучен момент, кога нашиот регион и континентот се соочува со изгледите за тешка зима, зголемена инфлација и преголема невработеност.
Интерконекторот отвора нова, сигурна порта за диверзифициран природен гас, не само за земјите домаќини, туку, во крајна линија, и за Југоисточна Европа, рече претседателот Пендаровски, упатувајќи честити на Азербејџан за, како што рече, конструктивната улога во текот на целиот потфат и ја поздрави подготвеноста на Грција и на Бугарија за проширување на енергетската инфраструктура во нашиот регион.
Јасно е дека колку сме повеќе меѓусебно поврзани, толку поотпорни ќе бидеме на енергетските предизвици од секаков вид. За да обезбеди одржлив развој и да ги задоволи потребите на бизнисите и домаќинствата, Македонија мора да стане дел од оваа мрежа за природен гас. Оттука, подготвени сме да ги направиме сите неопходни чекори во таа насока, рече претседателот Пендаровски.
Во своето обраќање претседателот Пендаровски посочи на потребата и од поголема европска солидарност, нагласувајќи дека паневропската солидарност на дело може да ги ублажи ефектите од акумулираниот евроскептицизам, што според него, е нуспроизвод на долготрајната европска интеграција.
Нашите граѓани очекуваат помалку реторика и поконкретна поддршка. Во вакви околности, најдобриот начин за ублажување на негативните последици врз нашите економии е Европската Унија да го одобри нашето пристапување во нејзините механизми, фондови и инструменти за управување со кризи, рече Пендаровски.
Ако нашата иднина е во Обединета Европа, цела и слободна, како што е кажано многу пати, време е да се намали меѓу-државната конкуренција, да се погледне малку подалеку од тесните национални интереси и да се зајакне солидарноста и соработката како единствен излез од оваа невидена глобална ситуација со која се соочуваме, рече Пендаровски на церемонијата во Националната палата на културата во Софија.
На настанот, покрај домаќинот, претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, присуствуваа и Урсула фон дер Лејен, претседателка на Европската Комисија, Илхам Алијев, претседател на Република Азербејџан, Киријакос Мицотакис, премиер на Хеленската Република, Николае-Ионел Чука, премиер на Романија и Александар Вучиќ, претседател на Република Србија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.