Сообраќајната лента во правец од Штип кон Кочани на патниот правец А3 Кочани – Штип кај село Облешево од 10:15 часот е блокирана со 12 земјоделски машини од околу 80 до 100 граѓани – оризопроизводители, информира АМСМ.

Сообраќајот се одвива наизменично.

Оризопроизводителите од Кочанско најавија дека денеска со трактори ќе го блокираат регионалниот пат Штип-Кочани кај Облешево. Тие велат дека ќе останат на патиштата на неодредено време и барат итна средба со претставници од власта.

Ова не е политички протест, туку борба за егзистенција, порачаа оризопроизводителите од Кочанско.

Оризопроизводителите, како што велат, се тешко погодени од новите цени на ѓубривата и нафтата и оти сегашната откупна цена е нерентабилна, затоа бараат оризовата арпа од новата реколта, се продава по цена од 40 денари.
Сметаат дека откупната цена и на белиот ориз и на оризовата арпа се прениски и годинава не им ги покриваат трошоците. Барањето е пред да почне жетвата да се одреди откупна цена, а бараат и средба со претставници од Владата.

Протестот го предизвика Владата. Ние сме социјален случај во државата. Ние немаме минимална плата од 18.000 денари. Немаме остварено никаков дијалог. Владата нема слух за нашите проблеми. Ние мора да живееме, мора да ги плаќаме нашите сметки, трошоци. Презадолжени сме поради ниската откупна цена, а преголемите трошоци, велат од Иницијативниот одбор за спас на оризопроизвоството.

На 4.500 хектари се очекуваат 22.000 тони ориз, но годинава се појавила болест. Во услови кога цената на нивниот производ на берзите расте, во земајава нема зголемување.

Кочанските оризопроизводителите неколку пати протестираат, а заработија и пријава, бидејќи беа блокирани двете коловозни ленти на патот Штип-Кочани. Очекуваат да им се придружат и земјоделци од други региони.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.